Актуелно
Почетна / Македонија / МОФ: Голем дел од професорите воопшто не се ни запознаени како да работат со дигиталните платформи за предавање

МОФ: Голем дел од професорите воопшто не се ни запознаени како да работат со дигиталните платформи за предавање

Младински образовен форум со ученици од девет училишта од пет града реализираше анализа за нивните искуства од далечинското учење со цел креирање на конкретни препораки и подобрување на системот на далечинско учење кој за прв пат се имплементираше во нашиот образовен систем.

Учесниците на фокус-групите зборувале за генералното искуство со концептот на далечинско учење, спроведувањето на наставата, комуникацијата со наставниците, како и за начинот на оценување на нивните знаења. Учениците потенцирале за невоедначеното предавање на наставните содржини, потешката комуникација со професорите, недостатокот на учебни материјали, но и нефер оценувањето и просторот за препишување и мамење на тестовите.

– Недостаток на образовниот систем е тоа што голем дел од професорите воопшто не се ни запознаени како да работат со дигиталните платформи за предавање. Во фокус-групите, средношколците споделуваа дека за нивните професори било тешко да ги закажуваат онлајн средбите и дека нивната неподготвеност за работа со технологија сериозно влијаела на онлајн наставата. – „Tребаше да се вклучат повеќе“; „Професорите не се залагаа. Ние им велевме на немотивираните професори дека ќе организираме ЗУМ средба, а тие треба само да се вклучат.“ – вели еден од учесниците на фокус групите, велат од МОФ.

Оттаму посочуваат дека загрижува тоа што начинот на спроведување на далечинското учење не успеа да обезбеди еднакво образование за сите ученици – имплементацијата се разликува од училиште во училиште, па дури и помеѓу професорите во исто училиште „Кај нас секој професор имаше своја дефиниција за далечинско учење. Немаше унифицираност. Само еден професор се трудеше и другите професори го исмејуваа“ – споделувал еден од учесниците на фокус-групата.

– Во текот на далечинското учење, единствен помагател на учениците беа учебниците кои веќе ги имаа на располагање – „Книгите не ми помагаа многу, ми требаше некој да објасни. Многу натежнуваа професорите да се користиме со интернетот, иако треба да се користат и книгите.“ – Иако учебниците во нашиот образовен систем се бесплатни и достапни за сите ученици, во услови на дигитално образование, материјалите за учење не беше лесно да стигнат до сите, учесниците споделија и дека дел од нивните соученици не можеле да стигнат до учебните материјали, се наведува во анализата на МОФ.

Од МОФ истакнуваат дека преминот од офлајн во онлајн просторот го отежнува процесот на изведување на настава за сите учесници во процесот (ученици, професори и надлежни институции) и ги изнесува на виделина веќе постоечките проблеми со образовниот систем на државата како недостаток на дигитализација и технолошка неподготвеност на наставниот кадар.

– Пред сè, мора да се води сметка за инклузивноста на образовниот процес, градење на капацитетите на професорите за работа на дигитални платформи и виртуелна работа со ученици, решавање на проблемот со недостаток на компјутерска опрема во семејствата со повеќе ученици, но и креирање на конкретен план и програма за компетенции кои целиме да ги изградиме и развиеме кај учениците во оваа
академска година.

Изминатите месеци, велат од МОФ, училиштата беа оставени сами на себе при изведбата на наставата, изнаоѓајќи различни начини кои не секогаш беа функционални и ефективни во смисла на квалитетно предавање на наставниот материјал.

– Оттука, токму и поради недостатокот на унифициран пристап и јасни насоки дадени од надлежните институции, учениците беа изложени на настава со низок квалитет, лоша двонасочна комуникација професор-ученик, но и соочени со необјективно и нефер оценување. Истражувањата на Светска банка велат дека во „нормални услови“, 11 години во нашиот образовен систем се еднакви на 7 години стекнато знање – можеме само да замислиме колкави штети и последици ќе остави на денешните ученици и студенти бавното придвижување кон далечинското образование и дигитализацијата, се вели во анализата на МОФ.

loading...