„Мојот син одеше на училиште со него. Седеа заедно на час. Ова е вистината за Артур.“ – со овие потресни зборови Медина Јашаревиќ, жителка на населбата каде што се наоѓа училиштето „Борг“, сведочи за трагедијата што го замрзна срцето на Грац. Токму таму, пред три дена, 22-годишниот Артур, вооружен со пушка и пиштол за кои легално имал дозвола, изврши масакр во кој беа убиени 11 лица. Потоа, си го одзеде и сопствениот живот.
Настанот, иако веќе завршен, ја потресе цела Австрија и отвори болни прашања – што довело до ова зло, дали можело да се спречи? Медина, чиј син го познавал напаѓачот, го сподели своето сведоштво.
„Сите сме шокирани, живеам во близина, сè уште е тешко да се зборува за сè. Мојот син не ги познаваше жртвите бидејќи заврши училиште пред три години. Го познававме наставникот и сите сме во шок. Ужасно е. Бев на работа, а еден колега ми кажа дека во училиштето каде што одел мојот син се случил масакр“.
Во медиумите се појавија информации дека Артур можеби бил жртва на врсничко насилство. Но, Јашаревиќ, повикувајќи се на зборовите на својот син, вели дека такво нешто не се забележувало: „Тој одеше на час со него, немало несогласувања меѓу нив, а вели дека немало насилство ниту со другите ученици. Вели дека напаѓачот бил смирен и повлечен. Не знам зошто го направил тоа и што довело до целата ситуација. Тука нема обезбедување на училиштето, ниту полицајци“.
И додека градот тивко тагува, медицинските работници кои се соочија со ужасот лице в лице се обидуваат да се вратат на секојдневието. Линда Лојдорт, медицинска сестра од Грац која дежурала кобната вечер, раскажа за своето искуство:
„Бев на пат кон работа, тој ден бев во друга клиника малку подалеку. Не ги познавав жртвите, ниту повредените, но ова е ужасно, како може некој да го направи ова? Морам да кажам дека многу размислувам за ова, дека нешто вакво се случило во нашиот безбеден град, но не се плашам. Мислам дека сега ќе биде уште побезбедно“. Полицијата продолжува со истрагата, а јавноста бара одговори. Мотивот сè уште не е официјално потврден, но сите очи се вперени во прашањето: кој беше Артур, и што го натера да направи нешто толку страшно?