Мојсовска-Блажевски: Европа се наоѓа во тешка економска и геополитичка состојба, Русија е веројатно спремна дека иднината на нејзините економски релации е на Исток

од Vladimir Zorba

Во низата слоеви на се полармантни политичкии економски  последици од војната во Украина, извршната директорка на „Македонија 2025“, професорката Никица Мојсовска Блажевски издвојува уште еден и тоа  во однос на нашата држава. Мора да извлечеме лекции од оваа ситуација, вели Мојсовска за „Локално“, но не само на економски план, туку во многу поширока смисла.

„Да ги следиме внимателно геополитичките случувања и да научиме како да ги промовираме националните интереси во истите. Лесно е да се влезе во колективната хистерија, но што е „користа„ од тоа?“, забележува Мојсовска.

Анализирајќи ги ефектите од актуелниот распоред на сили во услови на се поостра поларизација, Мојсовска проценува дека Русија на крајот на сите овие збиднувања ќе стане евроазиска земја.

„Веројатно ќе колабира во одредени сегменти, но и ќе успее во други. Нејзините врски и заедничките изјави со лидерите на некои земји (пример Кина и Турција) јасно укажуваат дека на „таа страна на светот„ се крчкаат нов тип на односи, нови економски и други врски кои, меѓу другото, ќе ја намалат улогата на американскиот долар како светска резервна валута“, вели Мојсовска.

Како невозможни ги оценува напорите на ЕУ да стане независна од рускиот гас на краток рок , посочувајќи го како поткрепа  планот на Европската Комисија  кој предвидува ЕУ да стане  независна од гасот од Русија до 2030 година. Токму тука, според неа почнуваат да се косат економијата и геополитиката.

„Очигледно дека во овој период преовладува геополитиката, но никој не може да предвиди дали тоа ќе остане доминантната доктрина на долг рок или можеби ќе настане некоја модерација“, оценува Мојсовска.

Откако САД го забранија увозот на гас од Русија, се погласни се говори дека и ЕУ може да го стори истото. За да се намали зависноста на ЕУ од рускиот гас, Борел побара граѓаните да го намалат греењето дома.Какви последици ќе предизвика ваквиот чекор на целокупната економија особено знаејќи го фактот дека Германија е речиси целосно зависна од рускиот гас?

-Точна е констатацијата дека германската економија е високо зависна од рускиот гас, односно во декември 2021 година една третина од вкупната потрошувачка на гас во Германија била увезена од Русија. Да се потсетиме дека овој увоз требаше да се зголеми, преку новоизградениот гасовод, Северен тек 2. Иако и други европски земји увезуваат гас од Русија (Унгарија, Австрија, Чешка и тн.), сепак Германија е најизложена. Напорите или најавите на ЕУ да стане независна од рускиот гас на краток рок се невозможни. Европската Комисија неодамна претстави план со кој ЕУ би станала независна од гасот од Русија до 2030 година.

Тука почнуваат да се косат две важни работи (доктрини) а тоа се економијата и геополитиката. Економската логика налага дека треба да се обезбеди овој основен ресурс по најниска цена (без компромис на квалитет), а геополитиката има сосема друга логика, а тоа е независност од земји или региони кои имаат поинакви системи од самата земја (недемократски, агресори, терористички организации и тн.). Очигледно дека во овој период преовладува геополитиката. Никој не може да предвиди дали тоа ќе остане доминантната доктрина на долг рок или можеби ќе настане некоја модерација особено доколку економските загуби се големи или едноставно не е можно да се постигне целта – независност – заради огромни потребни вложувања кои негативно ќе се одразат врз животниот стандард, животната околина и слично.

Дотолку повеќе, и сегашноста и минатото покажуваат дека поголемите или помоќните земји делуваат во насоки кои некогаш не потпаѓаат под горенаведените доктрини (или изгледаат нелогични однадвор) и се водени од своите интереси, како на пример силна економска соработка со Саудиска Арабија која го зазема 11-тото место како најнедемократска држава во светот (според Democracy Index 2020).

Доколку се случи тоа, дали може Европа да го забрани транспортот на гасот по балканскиот тек? Иако постојат алтернативи за увоз на гас јасно е дека цените ќе станат астрономиски, ќе дојде до затворање на многу фирми, до колапс на економијата, инфлација, студени станови,…Дали постои можност тоа да се рефлектира на македонското стопанство и граѓаните?

-Предизвиците во овој период се навистина тешки и комплексни, никој нема да излезе како победник ниту во економска ниту во геополитичка смисла. Повеќе децении се поттикнуваше глобализација која значи голема меѓу-зависност на земјите и на компаниите. На пример, иако велиме дека некој компјутерски чип е направен во Кина, истиот има компоненти произведени во околу 30 земји. Или, иако зборуваме за руски енергенси, познати меѓународни компании се значаен сопственик на истите. Пример, британската компанија Shell има 27,5% сопственост во Сахалин-2, најголем интегриран проект за нафта и гас (заедно со Газпром), слично е и со ExxonMobil (над 1,000 вработени во Русија) и British Petroleum (кои на својата веб страна пишуваа дека се најголем странски инвеститор во Русија, партнер на Роснефт). Во овие проекти, значаен партнер се и индиски и јапонски компании.

Периодот е тежок бидејќи целиот свет се соочува со недостиг и зголемени цени на сите основни суровини и стратешки производи, од храна (главно житни растенија) па до енергенски. И, не се знае колку долго ќе трае оваа ситуација. Од друга страна, нема начин на кој земјите многу брзо би го зголемиле или надокнадиле производството на овие суровини. Нешто полесно е со житните растенија (ако има почвени и климатски услови), но екстремно тешко со енергенсите. Така, се почести се дискусиите меѓу економистите за стагфлација, најтешката ситуација за справување која значи висока инфлација и стагнирање на економијата. Така што, секоја споредба на овој период со економската криза поттикната од Ковид-19 пандемијата е погрешна. Во периодот на пандемијата, и фискалната и монетарната политика беа стимулативни (поттикнување на растот), додека во оваа нова ситуација монетарната политика мора да биде порестриктивна за да се справи со инфлацијата.

Македонија се соочува со истите предвизвици како речиси цел свет. Иако нашата трговска размена со Русија не е голема (околу 200 милиони евра), сепак постои и директна и индиректна зависност. Веќе пораснаа цените на основните прехрамбени продукти (и покрај замрзнувањето на цените и политиката на ограничување на трговските маржи), како и на бензинот и нафтата. Овие промени ги погодуваат и животниот стандард на граѓаните и работата на компаниите. Владата неодамна излезе со пакет мерки насочени кон двата сегменти, но главниот проблем е што нема знаци или не може да се очекува дека набрзо ќе се вратиме во „нормала“. Се надевам дека нема да биде застанат протокот на гас кон Македонија, особено со оглед на тоа дека гасот во Македонија доаѓа преку Турција која не ја прекина соработката со Русија. Цените ќе останат високи, можеби ќе дојде и до недостатоци во светската економија, така што ќе мора да се направат големи промени во нашето однесување (во таа насока е и барањето на Борел за штедење на енергија).

Како држава, мора да извлечеме добри лекции од оваа ситуација, и да направиме паметни реформи во политиката на субвенции во земјоделството и во политиката на стокови резерви. И, да ги следиме внимателно геополитичките случувања, и да научиме како да ги промовираме националните интереси во истите. Лесно е да се влезе во колективната хистерија, но што е „користа„ од тоа?

Долгорочните економски санкции кои ги воведоа ЕУ, САД и др. земји, силно ја погаѓаат Русија и јасно е дека земјата економски најмногу ќе загуби од конфликтот. Дали и како може Руската економија да функционира и преживува во следниве месеци? На што ќе се потпира до вчера силното стопанство и трговските релации?

-Прво би кажала дека Русија сигурно добро ги проценила своите капацитети и направила план на можни сценарија во случај на економски и други санкции (не зборувам за воени планови и операции). Слушнавме и сценарио дека тие имаат ресурси да опстојат и доколку оваа ситуација трае 5 години (иако непотврдени). Како и да заврши сегашната ситуација во Украина, светот ќе доживее големи промени. Најпрво, очигледно е враќањето кон протекционизмот. Ова се случи и во Ковид-19 пандемијата, а сега уште повеќе. Сите зборуваат за намалување на увозна зависност (пример, САД од кинески чипови, Русија од увезени производи) што значи затварање не економиите наспроти економските теории за компаративни предности, специјализација во производството и тн.

Втора голема промена е границата помеѓу Истокот и Западот, и позицијата на Европа. Европа во моментов се наоѓа во најтешка економска и геополитичка состојба. А Русија, најверојатно, е спремна на тоа дека иднината на нејзините економски релации е на Истокот. Според некои ова е загуба на Русија, а за некои победа имајќи ја во предвид бројноста на населението на Истокот и брзиот економски развој. Русија ги има потребните стратешки производи (пченица, енергија и значајни метали) и веројатно тоа ја става во малку покомотна ситуација.

Каде ќе ја одведе инвазијата руската економија, ќе колабира или ќе преживее? Дали наместо европска, таа се повеќе ќе станува азиска или евроазиска земја?

-Очигледно е дека ќе дојде до големи поместувања во светот какви одамна не сме виделе. Русија на крајот на сите овие збиднувања ќе стане евроазиска земја. Веројатно ќе колабира во одредени сегменти, но и ќе успее во други. Нејзините врски и заедничките изјави со лидерите на некои земји (пример Кина и Турција) јасно укажуваат дека на „таа страна на светот„ се крчкаат нов тип на односи, нови економски и други врски кои, меѓу другото, ќе ја намалат улогата на американскиот долар како светска резервна валута. Ова упатува на поголеми промени во светската економија на среден рок од оние кои ние ги гледаме и следиме, мислејќи како да „преживееме„.

Ова е првата вистинска хибридна војна која се случува. Размерите на истата се огромни. Од конфискација на приватен имот, национализација на имот и приватна сопственост, до затварање на медиуми … против сето она што требаше да биде придобивка на развиен, демократски свет. Да не го спомнувам и можниот прекин на соработка околу меѓународната свемирска станица и програмата за соработка на НАСА и Роскосмос. Едноставно, светот стана друго место за живеење. Светот стана длабоко поделен.

Не знам дали сето ова е добро за светот како целина, или за една земја во развој како Македонија. Загубата за цел свет е мирот, но и сигурноста која ни ја даваат сегашните глобални институции, главно Обединетите Нации (иако истата се покажа недоволна ефикасна во некои ситуации, како случајот на Југославија), и меѓународни договори кои гарантираат неупотреба на одредени видови на оружје (пример, биолошко).

На руската инвазија најбрзо реагираа финансиските пазари, банките беа исклучени од мрежата SWIFT, беше затворена берзата и дојде до драматичен пад на рубљата. Соочени со брзото губење на куповната моќ на руската валута, Руската централна банка издаде наредба за дополнително ограничување на пристапот до долари, односно дозволи сопствениците на девизни сметки да подигнат само до 10 000 долари, а остатокот да го извадат во рубљи. Русија веќе не е член ниту на Советот на Европа. Како го коментирате тоа?

-Токму така, поврзаноста на глобалната економија и брзото ширење на информации водат до брзи реакции на светските берзи. Неизвесноста е таа што најмногу влијае врз движењата на берзите во овој период. Ќе ве корегирам и ќе речам дека само одредени банки беа исклучени од SWIFT, што е резултат токму на поврзаноста. Исклучувањето на сите банки би значело прекинување на сите текови на финансиски средства и во тој случај не би можеле да се одвиваат никакви трговски трансакции (на пример плаќање на гасот кој оди накај Европа). Ограничувањето во однос на располагањето со девизни средства во Русија (каде сеуште доларот е водечка резервна валута наспроти еврото) е сосема очекувано како дел од пакетот на мерки за преживување на Русија. Како што напоменав, сигурно биле подготвени повеќе сценарија (најмногу во смисла на можни санкции кон Русија) и мерки во случај на секое сценарио.

Излегувањето на Русија од Советот на Европа е голема загуба за двете страни бидејќи тоа беше последно место за дијалог и соработка помеѓу Европа и Русија во областа на човечки права, демократија и владеење на правото. Но сметам дека истото е логична последица на случувањата во претходните години. Во 2014 година Русија беше суспендирана од Советот на Европа заради анексирањето на Крим, одлука која беше сменета во 2019 година, иако со големи контроверзии (и силна опозиција од страна на Украина). Сепак, Русија беше еден од најголемите „финансиери„ на Советот на Европа.

Мојот главен коментар не е поврзан ниту со случувањето во Русија и Укранина, ниту со светските берзи, нешто на што не можеме да влијаеме. Поврзан е со спремноста на Македонија да реагира во вакви ситуации и да ги заштити граѓаните и компаниите.

К.В.С.

Слични содржини