МОН објави Упатство со препораки за чистење на училиштата

од Берта Китинска

Во очекување на протоколите со сите детали како ќе работат училиштата од 1 септември, Министетството за образование и наука објави Упатство со прирачник за одржување на училишните објекти заедно со видео како да се чистат и дезинфицираат.

Ставот на работната група на МОН и Комисијата за заразни болести е наставата во новата учебна 2020/2021 година да се следи со физичко присуство на учениците секаде каде што постојат услови и во зависност од епидемиолошката состојба во одредена средина.

Според најавата, протоколите треба да бидат усвоени на седница на Владата, но најверојатно тоа нема на биде на денешната затоа што, како што изјави за МИА заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска, оставаат Синдикатот за образование и наука (СОНК) да се произнесе со нивни мислења за моделите на настава што се предлагаат.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков за МИА изјави дека реагирале што како репрезентативен синдикат не биле вклучени во работната група на МОН за да се советуваат за протоколите, така што е договорено до утре на МОН ќе му пратат мислење.

-Не бевме ниту прашани, ниту консултирани, а од нас како наставници и како вработени ќе се бара да ги спроведеме тие протоколи. Не тврдиме дека се лоши, но сметаме дека требаше да бидеме инволвирани во тоа за да видиме што е спроведливо, што не е спроведливо и ако не е добро наставниците да може да кажат ова да се поправи на ваков начин. По нашите реакции, министерот за образование контактираше со мене и побара да дадеме наш став, мислење. Преку нашата мрежа работиме да најдеме најсоодветни решенија во однос на предлог-протоколите за кои до вчера не бевме инволвирани и слушавме од тоа што го објавуваат медиумите, рече Неделков.
Според него, најважна им е безбедноста – на наставниците и сите вработени во училиштата, како и на учениците, и смета дека секоја општина треба да направи свој протокол според нејзините услови, а онлајн-настава да има само таму каде што е неопходно.

-Во една општина има училишта со различен број деца во паралелки и тука треба да се применуваат различни протоколи. Прифаќаме поделби на паралелка во две групи и со нив да се работи со физичко присуство, водејќи сметка притоа за фондот на часови на наставниците, затоа што ако од една паралелка се прават две групи, тоа се како одвоени два часа… Исто така, би требало да знаеме што значи скратена наставна програма, како ќе се работи со неа, дали 20 минути се доволни итн. Предлагаме наместо маски да се користат визири зашто се полесни за дишење и за носење подолго време. Одморот да не биде фиксен за цело училиште, туку различно за секоја паралелка за помалку да има преклопување во училишниот објект итн…, изјави Неделков.

Заменик-министерката Наумовска денеска повтори дека останува она што претходно беше најавено – протоколите да ги соопштат пред јавноста на 10 август, а директорите на училиштата ќе имаат една недела да направат план за своето училиште според насоките од МОН затоа што, рече Наумовска, тие најдобро ја знаат состојбата на свој терен и како најдобро да ја изменаџираат состојбата.

Работната група на МОН и Комисијата во консултатитивни средби ги утврдуваа деталите за протоколи за различни ситуации – за поголеми и помали општини, големината на училиштата и просторните капацитети, бројот на ученици, нивната возраст, протоколи за хронично болни деца итн. Има неколку модели и локалните самоуправи, кои имаат и кризни штабови, ќе направат проценка кој модел и во кој период ќе биде корисен според состојбата со епидемијата. Притоа Наумовска нагласи дека е најажно што во секој модел на настава учениците ќе бидат безбедни доколку се следат насоките и бидат почитувани протоколите за заштита.
– Наш генерален став, како и во повеќето земји во светот, е наставата да се организира со физичко присуство на учениците и со почитување на мерките за заштита. Тоа ќе зависи и од средината, дали има или нема заболени од вирусот. Нема да биде проблем за помалите и руралните средини со помал број ученици. Наставата со физичко присуство ни е важна за основците, особено за најмалите, од прво до трето одделение, кои не може да се описменуваат прелу компјутер, а има и родители кои не можат или не знаат да им помогнат. Тука е многу важна и социјализацијата на тие деца, изјави Наумовска.

Онаму каде што ќе има учење од далечина, рече таа, не значи дека моделот е-настава ќе се применува во текот на целата учебна година, туку додека трае опасноста од вирусот и ќе може да се преминува од еден во друг модел.

Комбинираната настава би се применувала за поголеми паралелки, со ротации на учениците од една паралелка – едни кои ќе одат во училиште и други кои од дома онлајн и во исто време ќе ја следат наставата. Ротирањето би било на две недели.

Независно кој модел на настава ќе биде избран, предвидено е часовите да бидат скратени, а за најмалите да траат 20 минути. За е-настава ќе се дефинира платформа што ќе се применува на ниво на училиште, но може да се разликува од едно до друго училиште.

Слични содржини