МОН: Учебниците за најмалите основци имаат еднократна употреба, останатите согласно закон се користат најмногу 5 години

од Nikola Popovski

Министерството за образовани и наука информира дека согласно Законот за учебници во основното и средното образование, сите учебници можат да се користат најмногу до 5 години, со исклучок на оние за прво, второ и трето одделение, како и одредени учебници од повисоките одделенија во кои има содржини што ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење кои се користат еднократно.

-Учебниците и сите други наставни материјали кои ги обезбедуваат надлежните институции од областа на образованието предводени од МОН и кои се изготвени врз основа на наставните програми, имаат за цел првенствено да им помогнат на учениците во совладувањето на наставната материја и стекнувањето на применливи знаења преку учење со разбирање, но и да ги стимулираат нивната креативност и критичко размислување.

За постигнување на овие цели, неопходна е целосна реализација на наставните програми, а кои меѓудругото предвидуваат и пополнување на содржини во дел од учебниците. Затоа, МОН упатува апел до сите учесници во спроведувањето на воспитно – образовниот процес, да не го ограничуваат користењето на учебниците и пополнувањето на содржините во рамки на истите кои се предвидени за пополнување од страна на учениците.

Нема потреба ниту од печатење на учебниците кои се достапни во електронски формат на www.e-ucebnici.mon.gov.mk. МОН продолжува и во иднина да набавува целосно  нови учебници за најмалите основци и да ги заменува оние од другите одделенија кои поради дотраеност не можат да се користат, појаснуваат од ресорот образование.

Веќе е завршена испораката на учебниците по првиот договор  за печатење, што ги опфаќа учебниците за четврто одделение по македонски јазик и по математика, на македонски наставен јазик и учебниците по турски јазик за четврто и петто одделение, на турски наставен јазик.

Испораката на учебниците по вториот и третиот договор ќе се одвива оваа работна недела. Станува збор за 18 учебници, и тоа:

– на македонски наставен јазик: македонски јазик за прво и за второ одделение,  математика за прво одделение, природни науки за прво, второ и за четврто одделение, историја и општество за четврто и за петто одделение;

– на турски наставен јазик: учебник за турски јазик за прво и второ одделение,

-на албански наставен јазик: учебник по математика за четврто одделение и учебници по албански јазик за второ, четврто и петто одделение;

– на српски наставен јазик : учебници по српски јазик за второ, четврто и за петто одделение, и учебник по математика за четврто одделение.

Веднаш потоа почнува испораката и на учебниците по четвртиот договор, и тоа учебник по албански јазик и математика за прво одделение, природни науки за прво, второ и четврто одделение и историја и општество за четврто и петто одделение, сите на албански наставен јазик.

Слични содржини