Мора да работиме на зголемување на бројот на жените во извршната власт и бројот на жени градоначалнички, порачаа пратеничките од Собрание

од Nikola Popovski

Родовата еднаквост не е само морален императив, туку и економска и социјална неопходност. Постои подобрување, но уште сме далеку од целосна реализација на еднаквоста. Правата не жените мора да бидат вклучени во сите креирања на политиките, а само со сеопфатен пристап може да очекуваме да се направи значаен исчекор во вистинското реализирање на родовата еднаквост. Ова беа дел од пораките кои денеска ги пренесоа пратеничките на собраниската седница исклучиво посветена на унапредување на родовата еднаквост, кога истовремено се одбележува и 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички.

Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ смета дека ако се продолжи на ваков начин да се унапредува родовата еднаквост, на светот ќе му требаат 286 години за да ја постигне целта – родовата еднаквост.

-Борбата за родова еднаквост, мерките, активностите кои се преземаат мора да бидат сменети. Очигледно начинот на кој светот до сега се бореше со родовата нееднаквост и се залагаше за родова еднаквост и права на жени, не е доволно ефикасен и ефективен. Родовата еднаквост и правата на жените мора да бидат вклучени во сите креирања на политиките и спроведување на тие политики во секоја област од јавното живеење. Само со сеопфатен пристап може да очекуваме дека може да се направи значаен исчекор во вистинско реализирање на родовата еднаквост, порача Морачанин во Собранието.

Според пратеничката на Демократската унија за интеграција Рина Ајдари, не само денеска, туку секој ден треба да бидеме сплотени со сите жени за да се бориме за своите права во целиот свет. Таа вели дека имаме напреднато многу во сферата на еднаквоста, посебно, како што рече, кога гледаме зголемување на учеството на жените во политика, во образование и други сфери, но сме свесни дека се уште има нееднаквост и истата ние ја чувствуваме во дигитализација, информатика и во многу други општествени сфери.

-Според многу статистички податоци и истражување се вели дека во последните години статусот на жените во нашата земја, во Европа и на глобално ниво има евидентно подобрување, но се уште сме далеку од целосна реализација на еднаквост. Сме унапредени многу во овој аспект, посебно кога гледаме зголемување на учеството на жените во политика, во образование и други сфери, но сме свесни дека се уште има нееднаквост и истата ние ја чувствуваме во дигитализација, информатика и во многу други општествени сфери, рече таа.

Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање потенцираше дека правата на жените се основно човеково право.

Според Ласовска, мора да работиме на зголемување на бројот на жените во извршната власт и бројот на жени градоначалнички. Таа потенцираше дека ќе побараат да се донесат одредени заклучоци, кои ќе придонесат кон остварување на овие цели. Ласовска напомена дека Клубот на пратеничките мора да биде погласен за подобрување на условите на животот на жените во руралните средини, сензибилизирање на институциите, третманот и правата на самохраните родители, заштита на работничките права во случај на бременост и дискриминација при вработување и кршење на нивните права.

Слични содржини