Морачанин: Неколку членови на ДОМ се обидуваат да вршат опструкции во функционирањето на партијата користејќи се со недолични постапки

од Берта Китинска

Не се вистина изјавите на Мирослав  Богдановски и Ана Петровска дека 2/3 од општинските организации не се согласуваат со одлуката на Централниот одбор на ДОМ за настап во граѓанска коалиција со ЛДП, ДС, граѓански иницијативи и активисти на локалните избори, коментира во изјава за „Локално“, лидерката на ДОМ, Маја Морачанин.

Таа вели дека Богдановски воопшто не ни дошол ниту пак присуствувал на седницата, додека пак Петровска и уште неколкумина членови на ДОМ кои преку социјалните мрежи искажуваат несогласување со одлуката наместо да влезат во салата каде што се одржувала седницата, тие одлучиле  да останат надвор пред вратата.

-Доколку беа заинтересирани за настапот на ДОМ на локалните избори ќе присуствуваа на седницата и ќе го образложеа своето мислење. По претходна одлука на ЦО на ДОМ веќе неколку седмици се водат разговори со ЛДП и ДС, за што и јавноста беше информирана и никој не искажа несогласување за учество во ваква коалиција, ниту пак даде друг предлог. Одлуката беше донесена без ниту еден глас против. Јасно е дека повторно неколку членови на ДОМ од само ним познати мотиви се обидуваат да вршат опструкции во функционирањето на партијата користејќи се со недолични постапки, невистини и навреди. Впрочем, пред еден месец Богдановски јавно изјави дека ќе дејствува како независен пратеник, а не како пратеник од ДОМ, за пред неколку денови без да информира никого во ДОМ, да си поднесе оставка на функцијата пратеник, објаснува Морачанин.

Во однос на тоа дали имало физички напад за време на седницата на  ЦО на ДОМ, лидерката  вели дека Васко Тодоровски се обидел да предизвика тензична атмосфера,за која неколку пати бил  опомента од колегите.

-Тодоровски со насилничко однесување, навреди и неовластено снимање, за што неколку пати беше опоменат од останатите колеги, се обиде да предизвика тензична атмосфера, повторно со истиот мотив, да се оневозможи нормален тек на седницата. Она што се гледа на видеото е веројатно моментот кога откако ми ги одзема работните материјали за состанокот, некои од останатите колеги му пријдоа со цел да спречат ескалација на неговото насилничко однесување, но немаше никаков физички напад, изјави Морачанин.

Слични содржини