Москополе

од desk4

Отсекогаш сум сакал да научам влашки јазик, но никогаш не сум имал прилика.

Во 2008 г., Директор на ТВ Алсат М беше Сашо Орданоски и таа есен требаше да се стартува со нова дотогаш непостоечка телевизиска програма. ТВ Алсат М, забрзано се трансформираше од стриктно информативна во класична сеопфатна телевизија со целосна програма.

Мојата работна функција беше таа на извршен продуцент. Во следниот септември и октомври требаше да почнат 7 нови емисии „облечени“ во 7 нови сценографии во само едно студио.

Следуваше долго, жешко и напорно скопско лето крунисано со успешно и навремено емитување на емисиите „Патот кон…“ на Мухамед Зеќири, дебатна на Боби Христов, економска на Горан Теменугов, Детска Емисија 5+, Утринска, Спортска емисија и „Наздравје Шишање“ на Сашо Орданоски. ТВ АлсатМ изврши успешна трансформација. Од многу имиња вредни за споменување ќе споменам две, сценограф Бујар Муча и технички директор Блажо Ристов.

Кога интензитетот на работниот флукс се намали, задоволен од мојот работен учинок, сакав да измислам еден вид заслужен поклон за себе. Канцеларијата со прекрасен поглед кон Калето, Стара Чаршија и Бит Пазар ја делев со колегата и пријателот Назим Рашиди.
Малку поднавален на столот, гледав замислено кон Старо Скопје и размислувам за мојот поклон. Се сетив што ќе биде. Влашкиот јазик ќе биде мојот самоназначен поклон.Се насмеав со гласна внатрешна херметичка и задоволна смеа. Во едно ќоше од мојот новчаник беше стутканиот телефонски број од школото за курсеви за странски јазици кое се наоѓаше некаде на улица Илинденска, на само еден „каменофрл“ од владината зграда.

Весело ја залепив телефонската слушалка на левото уво, кратко истипкав по бројките и после кратки бип, биип, започнав разговор со женски глас.

– Добар ден, „филан чоек“ ве вознемирува, школо за странски јазици?
– Да, повелете.
– Би сакал да упишан курс по Влашки јазик, ќе ве молам.
– Влашки?!?
– Да, влашки, ќе ве молам.
– Се извинувам господине, но курс по Влашки јазик немаме.
– Немате? Но сигурно можете да организирате, така?
– Се извинувам господине, но немаме и не можеме. Никогаш досега не сме имале никој да побара курс по Влашки јазик. Се извинувам, но морам да ве прашам, како се викате…од каде се јавувате…што сте по националност ако смеам да прашам?

– Јас сум Албанец и се викам Агрон Биба и работам и се јавувам од АлсатМ телевизија. Имам малку слободно време и одлучив да си ја исполнам една моја дамнешна желба за учење на Влашки јазик и сега од вашиот неочекуван одговор…ххмммм….сум искрено да ви кажам, многу разочаран и малку зачуден. Јас долго и многу често сум ја  гледал вашата реклама закачена на железниот балкон на втор спрат… вие сте на Илинденска, така?…и сум видел дека нудите курсеви по сите јазици…дури и кинески и јапонски…така? А немате курс по домашен и автохтон Влашки?!? Навистина не можам да верувам!

– Секоја чест за вас господине, јас сум навистина импресионирана од вашата намера….ете….морам да ви признам…дека јас сум Влаинка и ..ете…срамота е ама не зборувам влашки.

– (разочарано, но тивко изустив кратко) како?
– Јас сум Влаинка и …..не знам Влашки.
– Е сега (реков), ќе ве молам оддалечете ја слушалката малку од вашето уво, пошто јас сега морам да викам. Срам да ви е!!! Срам да ви е!!! Срам да ви е !!!
– Срам да ми е.(изусти женскиот глас)
– Ве молам, извинете што го кренав гласот на вас госпоѓо…пријатно.
– Нема никаков проблем господине, имате потполно право…пријатно.

Се разбира, таа вечер на улица Љубица Георгиева во Карпош, заедно со нашата домашна софра, беше и горниот разговор со мојата сопруга. Истиот разговор го напишав денес, за да го „слушнат“ вашите очи. Отспротива нашиот дом живееше и една стара госпоѓа од Битола која ми кажа дека за зајак на влашки е „лепур“, исто како и на албански.
На албански се вели, „Ke lepur në bark“ (Зајакот ти е в’стомак), како сликовит опис за стравот. Стравот доаѓа од незнаење.
Татко ми ме воспитувал да имам посебна почит кон влашката култура и историја.
Кога еден ден во иднина балканските држави ќе пораснат, тогаш влашкиот јазик во Албанија, Македонија, Грција, Косово, Бугарија, Србија и Румунија треба да биде испочитуван како ретороманскиот јазик во Швајцарија.

Сте слушнале ли некогаш за Москополис, Воскопоја или Москополе?
Тоа се три имиња за ист некогашен голем влашки центар, кој се наоѓал на 21 км од Корча. Москополе било населено уште од 1330 година и својот врвен развој го достигнува во 1764 година, кога има околу 30.000 жители, со своја Академија, Штампарија и дури 24 цркви.
Воскопоја/Москополе/Москополис/Воскополис, претрпела три катастрофални опожарувања. Првото опожарување е во 1769, второто во 1789 и последното во 1916 година.
Ќе ве оставам сами драги читатели, да побарате информации на интернет и да уживате во откривањето на славната историја на Москополе, овој за жал (скоро) изчезнат влашки центар.

Зошто ви пишувам за Москополе, за власите и за влашкиот јазик?
Заради тоа што гласањето на 69 пратеници во Собранието на Македонија ме исполни со голема радост за конечното целосно испочитување на унапредувањето на албанскиот јазик во Република Македонија, а јас не можам да се радувам за албанскиот јазик а да не се сетам на Москополе и на еден Теодор Кавалијоти.
Опожарените жители и нивните потомци од влашкото Москополе, ги наполнија академиите на науки во Тирана, Скопје, Атина, Солун, како и во Белград, Букурешт и Софија.
Политичките испреплетени интриги на злобната завист и злоупотреба од страна на османлиската порта, фанариотската црковна власт, руската царска порта и изманипулираниот албански башибозук, беа за жал причина за уништувањето на Москополе.
Ние Албанците им должиме голема благодарност на власите од Москополе за нивниот допринес во развивањето на албанскиот јазик и култура.
Москополе има големи заслуги за албанскиот јазик и затоа денес го спомнувам.
Секое мое горно изустено „срам да ви е“ го заменувам со „се извинувам“, и потоа секое „се извинувам“ го надополнувам со „ви благодарам“.
Им се извинувам и им благодарам на власите од Москополе!
Три пати.
Денес се навршуваат 550 години од смртта на Ѓерѓ Кастриоти Скендербег. Преку споменувањето на славното Москополе сакам да им се заблагодарам на сите Власи кои низ историјата допринеле за унапредувањето на Скендербеговиот јазик, со една влашка песна.

Во меѓувреме, сите заедно, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и останати граѓани на Македонија го очекуваме потписот или ветото од нашиот почитуван претседател Ѓорге Иванов. Со нјиха, никош не се знајТ.

Агрон Биба

Слични содржини