Москва воведе санкции за 398 членови на американскиот Конгрес

од Nikola Popovski

Русија денеска објави дека им забранува на 398 членови на американскиот Конгрес да влезат на нејзина територија како одмазда за сличната одлука што Вашингтон ја донесе кон Русија со цел да ја казни за инвазијата на Украина.

„Како реакција на новиот бран антируски санкции преземени од администрацијата на (американскиот претседател Џозеф) Бајден на 24 март против 328 пратеници во Думата, ќе бидат преземени казнени „реципрочни“ мерки против 398 членови на Претставничкиот дом на САД, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се објавени имињата на американските членови на Конгресот кои добиле „трајна“ забрана за влез во Русија.

Дополнително, руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги донело истите мерки против 87 канадски сенатори, чии имиња исто така беа објавени. На 24 март Отава воведе санкции за членовите на Горниот дом на рускиот парламент.

Руското Министерство објави и дека протерува дипломат од чешката амбасада во Москва, кој добил рок да ја напушти земјата до сабота. Тоа е исто така одговор на слична мерка на Прага во март.

Во последните недели, многу западни земји протераа руски дипломати како одговор на офанзивата во Украина.

Слични содржини