MotoGP со тага се сеќава на Марко Симончели

од Vlatko K

Денес се навршуваат 7 години од трагичната смрт на возачот на MotoGP, Марко Симончели, кој почина за време на Големата награда на Малезија во 2011 година.

Италијанецот доживеа несреќа во вториот круг. Тогаш неговиот мотоцикл ја изгуби контролата и го пресече патот на Колин Едвардс и Валентино Роси. Кацигата на 24-годишниот Симончели беше уништена, а тој беше прегазен од другите двајца пилоти. Американецот Едвардс падна и доби дислокација на рамото, додека пак Роси некако успеа да се врати во боксот.

Во исто време, телото на Симончели лежеше неподвижно на патеката, а тоа веднаш доведе до црвени знамиња. Медицинскиот директор Микеле Макиагодена подоцна потврди дека натпреварувачот починал поради „многу сериозни повреди на главата, вратот и градниот кош“.

Најлошото при трагедијата беше дека отпрвин никој не беше свесен за нејзините димензии. Маршалите дури размислуваа да ја рестартираат трката додека не дознаа какви всушност се последиците од инцидентот. Дел од навивачите пак почнаа да фрлаат шишиња во знак на протест против прекинот.

Смртта на Симончели беше прв фатален случај во MotoGP по оној со Јапонецот Даиџиро Като, кој во 2003 почина од повредите што ги доби во своето домашно Гран При.

Слични содржини