„Мотоцентар“ ја одбележа традиционалната новогодишна средба со Атлетите од Специјалната Олимпијада Македонија

од Vladimir Zorba

Во рамки на програмата за социјално – одговорни активности, на крајот на оваа, по многу нешта специфична година, Компанијата “Мотоцентар“ успеа во околности на пандемија симболично да ја одбележи традиционалната новогодишна средба со Атлетите од Специјалната Олимпијада Македонија.

Во духот и манирот на времето во кое функционираме, а понесени од нашата корпоративна премиса за поддршка и соработка со Атлетите и Специјалната Олимпијада на Македонија, како и со спортисти од нашата држава, воопшто, успеавме да допреме до нашите долгогодишни пријатели и на симболичен начин да дадеме придонес кон нивните залагања и успеси. Оваа година “Мотоцентар“ направи избор на новогодишни подароци за секој член на Специјалната Олимпијада Македонија, за кои се потрудивме лично да бидат предадени, со почитување на мерките за заштита на јавното здравје во услови на пандемија со Ковид-19 вирусот.

“Изминатава година беше исклучително специфична и многу комплексна за сите нас. Секој на свој начин се соочи со голем број предизвици, како на деловен, така и на личен план. Во тој контекст ние во “Мотоцентар“ работевме и се трудевме сите услуги за нашите клиенти да ги адаптираме на ситуацијата, ставајќи фокус на здравјето на нашите вработени и клиенти на прво место. 2020 година ни посочи да ги видиме сите оние мали мигови, наши “традиции“, моменти во кои ги славиме нешта кои нѐ прават среќни. Затоа, иако спречени физички да се дружиме, ние во “Мотоцентар“ одлучивме да ја продолжиме традицијата на одбележување на новогодишните празници, овој пат на малку поинаков начин – согласно актуелните протоколи, да им ги доставиме подароците на Атлетите од Специјалната Олимпијада на Македонија во нивните домови“, изјави г-ѓа Моника Бошкоска, Маркетинг Директор на “Мотоцентар“.

“Навистина ми е драго што имаме вакви пријатели и поддржувачи како “Мотоцентар“. Особено, што во вакво време и прилики мислат на Атлетите Специјалната Олимпијада Македонија. Нивното внимание кон оваа ранлива категорија луѓе е од огромно значење и претставува инспирација и поддршка која нѐ води да чекориме напред. Да се бориме и да бидеме Шампони!“, потенцираше г-ѓа Ана Зафирова, Претставник на Специјалната Олимпијада Македонија.

Како компанија со традиција, покрај примарната дејност – продажба и третман на пневматици, безрезервно даваме придонес и за Општеството во кое опстојуваме повеќе од 25 години. Токму затоа, ваквите моменти значат навистина многу за целото семејство “Мотоцентар“. Затоа што насмевките на нашите најдраги се вистинско богатство.

Слични содржини