Може ли вашиот телефон да ви пренесе коронавирус?

од Stefanija Kuzmanovska

Современите мобилни телефони не се толку одговорни за ширењето на микробите, тврди Маркус Егерт, професор по микробиологија и хигиена од германскиот универзитет во Фурванген, пренесува „Телеграф“.

„Во споредба со бројот на микроби на рацете на луѓето, би можеле да кажеме дека нивниот број на мобилните телефони е занемарлив. За здраво лице кое користи мобилен телефон во сопственото домаќинство, бактериите на него не претставуваат опасност“, вели Егерт.

„Современите паметни телефони се карактеризираат со мазни површини, поради што на нив се „лепат“ помал број бактерии. Тие немаат со што да се хранат на вакви површини, па дури и не успеваат да се размножуваат. За разлика од нив, бројот на бактерии што се наоѓаат на копчињата на старите телефони беше многу поголем – објасни Егерт.

Тој додава дека начинот и местата каде се користат мобилни телефони влијаат на тоа колку микроби се насобрале на него, пренесува Хина.

– Површината на паметниот телефон е одраз на свеста за хигиена на неговиот корисник – вели Себастијан Клоес од германскиот Битком. Сите оние кои ретко мијат раце, користат паметни телефони додека јадат и ги носат со себе во тоалетот, ќе пренесат значително повеќе микроби на нивниот уред од оние што не го прават тоа.

Количината на микроби што ќе се залепат на неговата површина, исто така, зависи од состојбата на вашиот паметен телефон.

„Бактериите, вирусите и мувлите особено добро се залепуваат за гребнатините“, предупредува Клоес.

Во некои случаи, мора да бидете изложени на илјадници микроби за да се разболите, така што нивното присуство само на телефоните не е нужно причина за загриженост.

Производителите на паметни телефони, како Apple и Samsung, нудат упатства и совети за чистење на истите на нивните веб-страници. Тие советуваат да се исклучи апаратот пред чистење и да се користи мека крпа од микрофибер. Ако телефонот е многу валкан, тие советуваат да го чистите со мека влажна крпа и малку сапун.

Егерт вели дека мобилниот телефон кој не е многу валкан, не треба да се дезинфицира, бидејќи коронавирусот се отстранува со обичен сапун. Предупредува дека средствата за чистење, како што се средства за чистење стакло или средства за чистење на база на алкохол, можат да го оштетат екранот на паметниот телефон.

Слични содржини