„Можеме уште 27 години да живееме со блокада од Бугарија или да донесеме мудри одлуки“

од Берта Китинска

Ако не се реши спорот со Бугарија можеме уште 27 години да живееме во блокада, како што беше случај со Грција и затоа потребни се мудри одлуки за да се откочи процесот, смета премиерот Зоран Заев.

Заев повтори дека со бришењето на бугарски од бугарски фашистички окупатор од спомениците се отвора пат за решавање на спорот, но тоа не значи бришење на историјата. Историјата како што рече Заев е дека тогашната монархиско-фашистичката влада на Бугарија донесела одлука да стапи во пакт со фашистичките земји, а Македонија тогаш донела одлука да се приклучи кон антифашистичката борба.

„Бугарија ни направи блокада и со тоа го прекрши членот 2 од Договорот за пријателство. И сега можеме ние да живееме 27 години со блокада, како што беше со Грција, зошто не, тоа зависи како ќе одлучиме сите ние. Или како што ни кажува нашиот народ по истражувањата, со мудри политики, водејќи грижа за целокупното достоинство на македонскиот народ, почитувајќи ја историјата, нашата земја да продолжи да се движи кон европското семејство“, рече Заев.

Неприфатливо е наметнување на бугарскиот историски наратив над македонскиот

„Во овој случај науката мора да ја победи политиката, но со ваков тврд и помалку уценувачки став на Бугарија нема да постигнеме резултати, ако продолжат уцените за отворање на вратите за нас. Тој пат мора да биде двонасочен,“ изјави  копретседавачот од македонска страна на историската комисија со Бугарија Драги Ѓоргиев, во гостување на вестите на Сител.

Коментирајќи ги последните изјави на премиерот Зоран Заев за можно бришење на придавката бугарски од учебниците и спомениците каде што се спомнува „бугарски фашистички окупатор“, Ѓоргиев рече дека тоа се повеќе пораки кон бугарската страна за деблокада на дијалогот.

Ѓоргиев се согласува дека треба да се прости, ама дека не треба да се заборави минатото, кое, како што вели, е базирано на факти и на документи.

„Тоа се повеќе пораки отколку најави. Ако кажеме само фашистичка окупација, треба да имаме предвид дека имало и италијанска фашистичка окупација…Од друга страна, треба да бидеме искрени и да кажеме дека во еден период во земјава имаше една предимензионираност на тој израз, што создава силен емотивен набој. Затоа треба да се разговара, со цел да најдеме јазик со кој ќе се помириме, но нема да ја менуваме историјата. Никој не може да негира дека Бугарија дел од коалицијата на фашистичка Германија и Италија и Франција. Никој не се ни обидува да го прави тоа што не може да се избрише ни од меоријата, ни од учебниците. Но треба да се најде разумен јазик за помирување, а тоа помирување неминовно оди преку историјата. Треба историјата да ја доведеме на ниво да биде прифатлива, без да влијаеме на фактите и на документите,“ рече Ѓоргиев.

Слични содржини