Можно воведување карантин во некои општини

од Aleksandar Petrovski

Согласно сите анализи констатирано е дека нема неконтролирано ширење на вирусот. Денеска се разговараше за евентуално воведување дополнителни рестриктивни мерки, но заеднички став беше дека ќе се почекаат податоците од следните два до три дена и потоа ќе се носи одлука. Во меѓувреме поинтензивно МВР да работи на контрола на теренот за имплементација на мерките кои се во сила, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Полициски час

Додаде дека за дополнителни рестриктивни мерки се сметаат ограничување на движењето во смисла на карантин за одредени делови каде има поголем број дијагностицирани пациенти и воведува полициски час и тоа локализирано.

Еден од главните проблеми со кои се соочуваат, потенцира министерот Филипче, е слабата соработка со дел од граѓаните, одбивањето да се тестираат, да се пријават во болница дури и кога имаат симптоми и тоа, како што рече, многу често го прават нивните соседи. Апелираше дека сите мора да се придржуваат до препораките и да даваат целосни и вистинити информации до надлежните.

Според Филипче, во однос на кластерите, околу 70 проценти од сите новите случаи се од веќе познати кластери пред се од општините Чаир и Сарај, каде интензивно се работело изминатите денови.

– Денеска веќе во Сарај има само двајца новодијагностицирани, останува интензивна работа во населбата чаир, рече Филипче, а додаде дека се работи и во Студеничани.

Комисијата за заразни болести ја анализирала состојобата во изминатите две недели по што било заклучено дека и покрај високите бројки на новозаразени како што рече Филипче, нема пациенти кои се јавуваат во болниците, а тоа значи дека поголем дел се со лесна клиничка слика и можат да се лекуваат во домашни услови или еден добар дел се асимтопатски носители.

Во Штип, појасни Филипче, новодијагностицирани се околу претходно дијагностицирани вработени во неколку конфекции, а денеска и екипа од МЗ и Државниот санитарен инспекторат направиле увид во работата на Центарот на јавно здравје и на локалниот Кризен штаб што го води градоначалникот.

– Беше донесена одлука да се затворат пет конфекции до следниот понеделник, за кој период близу 600 вработени ќе бидат тестирани, рече министерот за здравство.

Според Филипче, во градинките досега се тестирани 3.500 вработени, а за тајмингот за нивно отворање ќе се дискутира во текот на оваа недела, а истото важи и за границите.

Во однос на тестирањето на дел од членовите на СДСМ по контактите што ги имале со потпретседателот на партијата Мухамед Зекири, Филипче информира дека по завршувањето на епидемиолошки анкети во текот на вчерашниот ден и утрово, во самоизолација се потпретседателит Дамјан Манчевски и Мила Царовска, како и за Марјан Забрчанец, позитивен е и тестот на Сања Лукаревска. Во овој момент, рече, треба да заврши и епидемиолошката анкета на премиерот Оливер Спасовски, но со оглед на контактите што тој ги имал, подвлече Филипче, голема е веројатноста дека ќе биде потребна самоизолација од две недели.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче потсети дека полицискиот час се укина врз основа на анализата и  проценката на состојбата во врска со новодијагностицираните  пациенти, меѓутоа и  врз основа на времетрањето на истиот и тоа што беше очекување во однос на ефектот.

– Добар дел  од сега новодијагностицираните пациенти се практично луѓе што  имале комуникација и што биле заразени со трансмисија на вирусот кога имаше ограничување на движењето. Податоците што  ги даваат во епидемиолошките анкети укажуват дека имало практично прекршување на тие мерки што тогаш биле и во однос на прекршување на движење и во однос на собирите. За тоа се пример семејните собири и секако превентивните мерки во однос на носењето на маските. Ние во еден момент мораме да ги попуштиме рестриктивните мерки тие што тогаш беа на сила, но интензивно ја следиме секојдневно ситуацијата и како што кажав доколку има потреба согласно податоците, согласно  локацијата каде се детектираат новите пациенти начинот на трансмисија дали тоа бара или не некаква дополнителна рестрикција во движењето комисијата е спреман тоа да го  препорача. Морам да кажам  дека огромен дел од сите новодијагностицираните  практично кажуваат дека не се придржуваат до мерките за дистанца и носење на  заштитна маска, истакна министерот за здравство Венко Филипче.

Слични содржини