Можност за помалите: Двете големи партии ќе се откажат од потпретседателите во Собранието

од Берта Китинска

Ако се откаже ВМРО- ДПМНЕ, ќе се откаже и СДСМ од своето право на потпретседател во Собранието со што ќе им се укаже шанса на помалите партии, рече мандатар за составување на Влада на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

-Овој пат се утврди бројката на потпретседатели и навистина и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ можат да имат по еден потпретседател, што значи дека тогаш би останале трите места и за помалите политички заедници во државата. Потпретседател на Собранието зема 100 до 150 евра поголема плата, тоа не е за големината на трошокот, веројатно затоа што имаат поголема канцеларија, но денеска секој пратеник има сопствена канцеларија, но суштината е дали го слушаме гласот на граѓанинот. Ако ВМРО-ДПМНЕ се повлече и ние ќе се повлечеме и ќе отстапиме простор на помалите еве, за да биде бројката и помала. Јас внимателно ја слушав нивната изјава, тие рекоа не го прифаќаме предлогот на Заев, тие можат да се повлечат, ќе видиме како ќе постапат, така ќе се однесуваме, поради тоа што на крајот одговорноста е на сите нас, рече Заев.

Од опозицијата на денешанат прес конференција изјавија дека нема да предложат свој потпретседател на Собранието.

„ВМРО- ДПМНЕ ниту прифаќа, ниту ќе предложи потпретседател на Собранието, изјави денеска портпаролот на партијата Димче Арсовски.

„Апсолутно ќе учествуваме и ќе гласаме против. Во таа дебата во која ќе учествуваме имаме илјадници, илјадници причини каде што ќе дебатираме за старо новите кадри, криминални кадри на СДСМ кои што се исполнети со криминални афери, со непотизам и со ред други афери и скандали кои што ги следеа изминатите неколку години. Така да оваа влада која што ја предложи Зоран Заев како старо нова влада на СДСМ е крајно криминална, корумпирана и со низа скандали“, изјави Арсовски.

Опозицијата смета дека пет потпретседатели е премногу и само создава дополнителни финансиски трошоци, особено во време на епидемијата кога земјава се справува со корона вирусот, бидејќи потпретседателите на платата од 60.000 денари добиваат плус 20.000 денари за заменичкото место.

Слични содржини