МПС: Итно да се обезбедат маски и ракавици за сите припадници на полицијата

од Aleksandar Todeski

Македонскиот полициски синдикат бара Министерството за внатрешни работи итно да им подели заштитни маски, гумени ракавици и средства за дезинфекција, чие носење ќе биде задолжително. Од таму посочуваат дека се свесни дека работата која ја одбрале носи ризици и откажувања од многу права кои што ги има секој граѓанин во државата, нагласувајќи дека тие се едни од најповиканите кога државата е во тешки моменти, но и дека мораат максимално да одговорат на повикот.

„За успешно да ги извршуваме нашите работи и работни задачи потребно е да имаме минимум средства и опрема за заштита на нашето здравје. Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден соопшти дека вработените на терен имаат заштитни маски, гумени ракавици и средства за дезинфекција но информациите од теренот кои ги добиваме од колегите кажуваат дека теренот ниту 40% не е покриен со истите. Почитувани, Македонскиот полициски синдикат како единствен репрезентативен синдикат со над 8500 членови од кои над 8000 се припадници на МВР, бараме раководството на МВР да биде посериозно и веднаш преку службите за општи и заеднички работи до сите организациони единици во Министерството за внатрешни работи во кои вработените при вршењето на редовните работни задачи се во директен контакт со странки, да  достави  заштитни маски, гумени ракавици чие носење ќе биде задолжително како и средства за дезинфекција“, стои во ракцијата на МПС.

Од таму потенцираат дека состојбата со коронавирусот е повеќе од сериозна и изразуваат надеж дека ова ќе стигне до раководствотсвото на Минитеството за Внатрешни работи.

„Од денес не смееме да дозволиме ниту еден вработен во МВР да биде испратен на терен без заштитна маска, ракавици и средство за дезинфекција. Сфатете го ова како сериозно и итно. Вработените во МВР тоа го очекуваат од вас“, велат од синдикатот.

Слични содржини