Мрачното предвидување на Гејтс се оствари: Сиромашните чекаат за вакцина

од Nikola Popovski

Во најдобар случај, посиромашните земји ќе заостанат од 6 до 8 месеци во однос на богатите земји во набавка на вакцини против коронавирус и заштита на нивните жители, изјави филантропот и основач на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, на крајот на јануари оваа година.

Гејтс тогаш во интервју за Ројтерс рече дека дистрибуцијата на првите вакцини против короната е „супер тежок проблем“ што врши притисок врз глобалните институции, владите и производителите на лекови.

„Секој политичар е под притисок да се бори да ја доведе својата земја до почетокот на редот“, рече тој тогаш.

Дотогаш, Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс вети 1,75 милијарди американски долари за борба против пандемијата ковид-19, вклучително и финансирање од Ковакс-системот на Светската здравствена организација.

Планот, како што рече тогаш, е Ковакс да дистрибуира 2,3 милијарди дози вакцини до крајот на годината, вклучувајќи 1,8 милијарди дози бесплатно за сиромашните земји и се надеваат дека првите испораки ќе бидат реализирани во февруари. Гејтс процени дека дистрибуцијата на вакцините преку Ковакс ќе биде „скромна“ на почетокот.

Сиромашните земји ќе чекаат

„Вкупниот број на дози што Ковакс ќе ги има во првата половина на годината ќе биде многу скромен. Да, тие ќе испратат некои дози, но ако ги споредите со процентот што ќе го добијат богатите земји – мислам дека во најдобар случај ќе им требаат шест до осум месец “, рече тој на крајот на јануари оваа година.

Коментирајќи ги извештаите во медиумите за „паника“ поради недостиг на вакцини, Гејтс оцени дека ваквиот притисок не помага и потсети дека фармацевтските компании како „Фајзер“, „Бионтек“, „АстраЗенека“ и „Модерна“ развиле вакцини против корона за помалку од една година.

Гејтс процени дека богатите земји ќе се вратат во „нормалното“ до крајот на годината, под услов да се вакцинираат помеѓу 70 и 80 проценти од нивната популација.

Добрата страна на пандемијата

Гејтс исто така изјави дека има добра работа од целата пандемија, а тоа е развој на таканаречената mRNA технологија за производство на вакцини.

Во текот на следните пет до десет години, mRNA вакцините ќе се развиваат побрзо и поевтино, полесно се чуваат, а тоа ќе отвори цела низа можности за развој на вакцини против ХИВ и маларија.

„Тоа дава нова надеж дека побрзо ќе ги добиеме вакцините што ни недостасуваат“, рече тој.

Теории на заговор

Коментирајќи ги „лудите“ и „злобните“ теории на заговор што кружат околу него и пандемијата, Гејтс рече дека би сакал да навлезе во нивниот извор, но изрази надеж дека наскоро целиот хаос на социјалните мрежи околу него наскоро ќе стивне.

„Дали луѓето навистина веруваат во сето тоа?“, праша за теориите што кружат на социјалните мрежи дека неговата фондација сака да профитира од короната и дека ќе ги чипира луѓето преку вакцини.

„Ќе мораме да се едуцираме за ова следната година и да разбереме како сето тоа го менува однесувањето на луѓето и како сето тоа да се минимизира“, рече Гејтс.

Слични содржини