Мршиќ: Усогласувањето на пензиите со просечната плата постепено ќе го надмине проблемот на малите и минималните пензии

од Vladimir Zorba

Универзитетската професорка Јадранка Мршиќ  ја оценува како оправдана иницијативата на Владата за покачување на пензиите.

Како основен аргумент ја посочува  неопходноста за измена на моделот за  нивно усогласување, бидејќи како што вели, актуелниот  модел го загрози основното ниво на животниот стандард на пензионерите.

„Измената на моделот на усогласување на пензиите само со порастот на цените што се применува од 2019 г., во услови на забрзан пораст на платите во изминатите три години влијаеше на драстичен пад од 58.5% во 2018 г. на 54.55%  во 2021 г. на соодносот на просечната пензија  и просечната плата. Кај нас  треба да се направи корекција на моделот на усогласување на пензиите со комбинирано вклучување во одреден сооднос на порастот на платите и на малопродажните цени“, вели Мршиќ за „Локално.

Овој модел според неа обезбедува урамнотежено ревреднување на пензиите врз основа на стапката на инфлација и на порастот на стандардот на вработените лица.

Посочува дека треба да се воведе уште еден фиксен елемент во моделот на усогласување на пензиите, а тоа е одредување на сооднос на просечната пензија во однос на просечната плата, што е како што вели таа, познат модел и се применува во други земји.

„Со промена на моделот на усогласување на пензиите како што е предложено,а  според кој  просечната пензија треба да изнесува најмалку 60% во однос на просечната плата  со текот на времето ќе се влијае на проблемот на малите и минималните пензии“, вели Мршиќ.

Како причина за оптимизам во оваа сфера ги наведува податоците според кои ПИОМ во последните 5 години регистрира повеќе приходи одколку расходи,бројот на осигуреници расте побрзо од бројот на пензионери, зголемена е стапката на пензиски придонес од плата, а просечната плата континуирано расте.

Вицепремиерот за економски прашања најави покачување на пензиите “ какво што не било досега’’. Изјавата доаѓа во период на енергетска криза, ценовни шокови и пандемија. Додека сите го очекуваат одговорот на прашањето од каде ќе се најдат пари, останува дилемата дали станува збор за  економски, популистички или пак можеби политички проекции. Дали ве изненадија ваквите ветувања?

-Не можам да направам претпоставка колкаво би било таквото покачување, според најавата веројатно би требало да биде повисоко од еднократните покачувања што се правени во минатото. Измената на моделот на усогласување на пензиите само со порастот на цените што се применува од 2019 година во услови на забрзан пораст на платите во изминатите три години влијаеше на драстичен пад од 58.5% во 2018 на 54.55%  во 2021 на соодносот на просечната пензија  и просечната плата.  Со тоа се загрозува основното ниво на животниот стандард на пензионерите особено во услови на пораст на цените на електричната енергија и на основните прехранбени производи. Пензионерите не беа опфатени со мерките за помош на граѓаните од буџетот за време на Ковид пандемијата, како што беше направено во некои земји од окружувањето. Ако предлогот се анализира од тој аспект, може да се каже дека има оправданост иницијативата на владата за покачување на пензиите.

Според Владата ќе има промена на моделот на раст на пензиите бидејќи сегашниот не обезбедува достоинствен раст на примањата на пензионерите. Во кој дел според Вас може да се интервенира? Kаков треба да биде моделот за раст на пензиите?

-Редовното усогласување на пензиите, како што се врши и кај нас два пати во годината, промовира социјална кохезија и економска сигурност на пензионерите.Но важна е и формулата со која се врши усогласувањето. Затоа кај нас треба да се направи корекција на моделот на усогласување на пензиите со комбинирано вклучување во одреден сооднос на порастот на платите и на малопродажните цени. Овој модел обезбедува урамнотежено  ревреднување на пензиите врз основа на стапката на инфлација и на порастот на стандардот на вработените лица.

Пензионерите веќе подолг период бараат при усогласувањето на пензиите да се земе предвид дел од порастот на просечната плата.Нивните проекции се дека просечната пензија треба да изнесува најмалку 60% во однос на просечната плата. Колку е ова реално?

-Секако дека треба да се вклучи и процентот на порастот на просечната плата во формулата за усогласување на пензиите. Но, треба да се има предвид дека и примената на комбинирана индексација во услови на поголем пораст на платите од растот на инфлацијата ги намалува пензиите во однос на просечните плати.Треба да се воведе уште еден фиксен елемент во моделот на усогласување на пензиите а тоа е одредување на сооднос на просечната пензија во однос на просечната плата, што е познат модел и се применува во други земји. Ова е веќе поставено како барање од Сојузот на пензионери.

Едно од барањата е и скалесто зголемување на пензиите. Дали е тоа применливо од аспект на економската логика?

-Ваквото зголемување е спротивно на суштината на пензиите како право стекнато  врз основа на начинот, должината и обемот на вложувaњето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување. А усогласувањето се применува еднакво на сите пензии за да се избегне или намали ерозијата на пензиите во висина на стекнато право,затоа што индексирањето претставува клучен елемент на правото на пензијата како право од социјално осигурување.

Незавидната финансиска ситуација во којашто се наоѓа највозрасната категорија граѓани е факт околу кој никој не спори. Само 28,9% од пензионерите имаат пензија повисока од 18.000 денари, па како логична се наметнува дилемата дали во минатото недоволно се работеше на подобрувањето на нивниот статус?

-Ниските пензии на постојните пензионери се резултат на ниските плати во минатото, сведоци сме дека прашањето на потребата од зголемување на минималната плата посериозно е вклучена во фокусот на креаторите на политиките во последните неколку години.Со промена на моделот на усогласување на пензиите како што е предложено, во текот на времето ќе се влијае на проблемот на малите и минималните пензии. Прашањето пак на најниските пензии треба да биде решавано со различни форми на социјални мерки за намалување на сиромаштијата помеѓу старите лица.

Според надлежните, Пензискиот фонд остварува доволно стабилен приход за да обезбеди пораст на пензиите.Од друга страна, тој е се уште во одредена мера зависен од средствата на централниот буџет, па оттука и прашањето дали можеби на овој начин државата невнимателно се впушта во “ризични води’’?

-Податоците од извештаите на ПИОМ покажуваат консолидирање на приходите во однос на расходите. Приходите оствариле поголем раст во последните пет години отколку расходите, а причините се што бројот на осигуреници расте побрзо од бројот на пензионери, зголемена е стапкатана пензиски придонес од плата  и континуирано расте просечната плата. Овој резултат наметнува оптимизам дека ако мерките за поттикнување на економскиот раст, вработувањето и повисок пензиски придонес се подржуваат ќе влијаат на финансиската стабилност на пензискиот фонд и во наредниот период.

К.В.С.

Слични содржини