МТСП: До крајот на годината ќе отвориме 10 сервиси за жртви од родово базирано насилство

од Maja Serafimova

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска го посети новиот Центар за жртви на семејно насилство во Велес.

-До крајот на годината ќе имаме вкупно 10 специјализирани сервиси за жртви од родово базирано насилство во шест плански региони на територијата на РСМ, Скопје, Куманово, Тетово, Штип, Кавадарци, Битола Прилеп и овој во Велес. Наш приоритет е да обезбедиме заштита и поддршка за секоја жена и девојка. Паралелно работиме и на превенција, бидејќи наша крајна цел е трајно да ги искорениме овие појави од општеството, истакна Царовска.

Министерството за труд и социјална политика информира дека Владата го усвои Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција за период 2018-2023. Во неговата изработка беа вклучени релевантни институции, граѓанскиот сектор, претставници од законодавниот дом и судии. Со цел усвојување на единствена правна рамка што ги уредува сите форми на родово базирано насилство се изготвува нов Предлог закон, кој ќе ги опфати сите форми на родово базирано насилство.

-За оваа година имавме издвоено двојно повеќе средства, односно 6 милиони и 400 илјади денари за имплементација на Конвенцијата и отворање на сервиси за поддршка на жртви од родово базирано насилство. До крајот на годината е предвидено отворање на кризни центри за жртви на семејно насилство во Прилеп и Штип. Во моментот во скопскиот регион има воспоставено СОС линија, кризен центар за 24-48 часа сместување, долгорочно сместување до шест месеци во шелтер центар, психо-социјална поддршка во прв семеен центар за жртви сторители и деца и правно зајакнување, се вели во соопштението од МТСП.

Исто така, додаваат од МТСП, со Законот за социјална заштита, освен што се унапредуваат социјалните права и трансфери кон граѓаните, се дава основа за плурализација или развој на социјалната заштита. Ова, велат, се постигнува преку пренесување на услугите на локално ниво и вклучување на социјални партнери, како здруженија на граѓани или приватни компании коишто можат да нудат услуги во име на државата.

Слични содржини