МТСП ги демантира „Зелен хуман град“: „Дали се против искористување на сончевата енергија како најевтин енергетски ресурс?“

од Nikola Popovski

Министерството за транспорт и врски ги квалификува како манипулативни и неточни информациите изнесени во јавноста во однос на постапките за измените на Правилникот за Урбанистичко планирање.

-Водејќи се од транспарентноста во постапките, Министерството за транспорт и врски има воспоставено редовна пракса на вклучување на стручната јавност и граѓанскиот сектор и сите други заинтересирани страни во процесите на подготовка на законските и подзаконските акти. Нејасна е реакцијата од граѓанското здружение Зелен Хуман Град во однос на вклученоста во измените на Правилникот за урбанистичко планирање од причина што на стручната расправа одржава во просториите на Министерството на ден 26 октомври 2022 година, присуство земаа и претставници од засегнати институции, невладини организации, вклучувајќи и претставници од граѓанското здружение Зелен Хуман Град, велат МТСП.

На истата стручна расправа се разговараше по однос на измените во Правилникот и е отворена дискусија на која се дадени одредени сугестии и истите се усогласени со сите присутни на стручната расправа, каде позитивно мислење и усогласеност дадоа и претставниците од Зелен Хуман Град, за што постои и електронска комуникација со Министерството и претставниците од ова граѓанско здружение, додаваат од ресорот транспорт.

-Од тие причини, несфатлива е реакцијата на граѓанското здружение Зелен Хуман Град за забелешките кои претходно и тие ги прифатиле и за кои дале согласност.

Од тука прашуваме дали во услови на оваа енергетска криза, кога граѓаните, компаниите и граѓанскиот сектор бараат поедноставување на постапките за поставување на фотоволтаични електроцентрали, граѓанското здружение Зелен Хуман Град е против, дали се против искористување на сончевата енергија како најевтин енергетски ресурс и дали се против поедноставување на постапките, нешто што го бараат сите граѓани и правни лица? Дали Зелен Хуман Град се заинтересирани граѓаните да користат фотоволтаици како еколошки најисправен начин на производство на енергија или да останат на користење на фосилни горива кои несомнено ја загадуваат животната средина и воздухот?, прашуваат од МТСП и додаваат:

-Упатуваме на сериозност до организацијата Зелен Хуман Град, кога во овие услови на енергетска криза, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за транспорт и врски се силно посветени на поедноставување на сите постапки се со цел да го намалиме влијанието на енергетската криза и заштита на животниот стандард на граѓаните, а притоа да не влијаеме врз загадување на животната средина.

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ соопшти дека Министерството за транспорт и врски ја злоупотребува енергетската криза за да им излезе во пресрет на градежната мафија и на крупниот капитал, со што ќе нанесе непоправливи штети на животната средина и ќе ги доведе во уште поголема опасност здравјето и животот на сите граѓани.

Оттаму посочуваат дека на 20 октомври годинава, по скратена постапка во Собранието без никаква консултација со јавноста, се донеле измени на Законот за градење, со кои е овозможена „легализација на индустриски дивоградби од преработувачка и загадувачка индустрија (Г2), ако тие во рок од една година од поднесувањето на барањето за легализација, постават на своите покриви фотоволтаични централи“.

Слични содржини