Му се „отворил“ на Си Џинпинг: Трамп под истрага за можно прекршување на Законот за шпионажа

од Vladimir Zorba

Доналд Трамп е под истрага на ФБИ за можно прекршување на Законот за шпионажа, кој, меѓу другото, забранува споделување на доверливи информации со лица кои не се овластени да ги имаат.

Дури и како претседател, Трамп понекогаш знаел да го направи тоа. На почетокот на својот мандат тој спонтано му даде на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров високо доверливи информации за операцијата против Исламската држава.

Но, Мар-а-Лаго, каде се организираат свадби, прослави и добротворни вечери, е особен трн во окото на американските разузнавачи. Иако тајната служба ги обезбедува поранешниот претседател и локацијата, нејзините агенти немаат овластување да ги контролираат гостите или членовите на клубот Трамп, пренесе „Јутарњи лист“.

Налогот за претрес на имотот на Трамп јасно покажува загриженост за националната безбедност, изјави поранешната функционерка на американското Министерство за правда, Мери Мекорд.

„Очигледно беше многу важно за нив да ги вратат документите на безбедно место. Чувањето високо доверливи документи на место каде што има многу странски посетители и други кои можеби имаат врски со странски влади и агенти создава значајна безбедносна закана“, кажа таа.

Трамп тврди дека сите документи што ги има се декласифицирани и дека биле на безбедно место.

Агентите на ФБИ зедоа десетици кутии со документи, вклучително и некои со информации за одбраната, од имотот претходно оваа недела.

„Тоа опкружување е кошмар за ракување со високо доверливи информации“, изјави поранешен службеник на американското разузнавање.

„Кошмар“, нагласи тој.

Одделот за правда не објави каде и како се чувале документите и фотографиите, но добро е позната „лежерноста“ во Мар-а-Лаго.

Добар пример е свечената вечера на Трамп и тогашниот јапонски премиер Шинзо Абе, која беше организирана во 2017 година на голема отворена тераса во Мар-а-Лаго со многу други гости. Вечерата беше нарушена од севернокорејски ракетен тест, па гостите кои кружеа наоколу можеа да го слушнат и снимаат разговорот меѓу Трамп и Абе за контрамерки.

На Си му кажал се што планира во Сирија

Белата куќа тогаш одлучи да постави безбедна просторија во Мар-а-Лаго за чувствителни разговори. Оттаму Трамп и неговите соработници одлучија да извршат воздушни напади против Сирија поради употребата на хемиско оружје.

По донесувањето на одлуката, Трамп организираше свечена вечера со кинескиот претседател Си Џинпинг. Издржал до чоколадниот десерт, но потоа му кажал на својот кинески колега што има намера да направи.

Во 2019 година, кинеска државјанка со скриен малициозен софтвер ја помина првата безбедносна проверка на влезот во клуб во Мар-а-Лаго и беше уапсена во последен момент. Тогашниот шеф на кабинетот на Белата куќа, Џон Кели се обиде да го ограничи пристапот до Мар-а-Лаго, но Трамп одбивал.

Слични содржини