МУ ТРЕБА ОДМОР: Ѓоковиќ нема да ја брани титулата во Синсинати

од Stefanija Kuzmanovska

Новак Ѓоковиќ донесе донекаде очекувана одлука и се повлече од претстојниот Мастерс во Синсинати, закажан за периодот од 14 до 22 август.

Ноле нема да ја брани титулата од 2020 година бидејќи сака да се одмори од големите напори по Олимписките игри. Тој во моментов поминува време со своето семејство и сака да биде со нив уште неколку дена, додека не замине во Америка на УС Опен (30 август – 12 септември).

„Сакам да споделам со вас дека ќе го прескокнам турнирот во Синсинати за да го искористам најдобро времето за да закрепнам и да поминам што повеќе време со моето семејство. Од Австралија до Токио, потрошив многу енергија, па сега сум целосно фокусиран на закрепнување и подготовки за УС Опен. Со нетрпение очекувам повторно да се видиме во Еујорк“, сподели Ѓоковиќ доцна во понеделникот навечер.

Според календарот, помеѓу Синсинати и УС Опен, Винстон Салем е на програмата (од 22 до 28 август). Ноле не беше пријавен за тоа натпреварување. Се разбира, специјалната покана од организаторите за првиот рекет во светот не би била проблем, но тешко дека српскиот играч ќе побара „вајлд -карта“ за турнир кој носи само 250 поени.

Да потсетиме, Новак заврши на четвртото место на Олимписките игри, откако беше поразен од Шпанецот Пабло Карен Буста во мечот за бронзата.

Тој сега ќе го нападне календарскиот „Гренд Слем“, откако ги подигна пехарите на Австралија опен, Ролан Гарос и Вимблдон оваа сезона.

Слични содржини