Мукаетов: Алкалоид има континуиран раст во изминативе 16 години

од Vladimir Zorba

„Алкалоид има континуиран раст во изминативе 16 години. Ако во 2019 година имавме раст на продажбите од 13 % и нето-добивка од 18 % споредено со 2018 година, во 2020 година истите параметри беа 9 % раст на продажби и 15 % кај нето-добивката. Уште на почетокот на здравствената криза, ние како индустрија ги намаливме цените на 158 наши производи кои се клучни за потрошувачите во услови на пандемија и покрај енормното покачување на цените на суровините. Осигуривме континуитет во производството и покрај недостигот на репроматеријали и застојот во транспортните коридори“, вели Живко Мукаетов, Генерален директор/Претседател на управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во интервју за „ЕиБ“.

Оваа криза, вели тој сите нас нѐ потсети на огромното значење на домашното производство во стратешки важните индустрии за една држава како што се фармацевтската и прехранбената.

Како и целиот свет, продолжува Мукаетов, така и Алкалоид мина низ трансформација на целокупното работење на сите нивоа.

– Поради огромната непредвидливост и бројните непознаници, на почетокот нашите одлуки беа базирани на принципот на обиди и грешки што, всушност, нè натера да излеземе од зоната на комфорот, да го подигнеме оперативниот менаџмент на највисоко ниво, темелно да ги пресметаме сите ризици и да дејствуваме паметно. Бевме свесни дека требаше да изнајдеме алтернативни начини да ги задржиме нормалните залихи на производи и да останеме во контакт со нашите колеги, соработници и сите засегнати страни. Како дел од здравствениот систем, нашата одговорност беше и сè уште е огромна. Фармацевтската индустрија и во нормални околности налага строги регулативи, но одржувањето на безбедна средина и процеси во услови на пандемија е огромен предизвик кој бара високи предострожности. Особено ми е драго што во ниеден момент не потфрливме. Чувавме големи волумени од клучните суровини, пренаменивме производни линии, направивме сѐ да ги заштитиме вработените и да осигуриме безбедност на процесите, изјави генералниот директор на „Алкалоид“.

Слични содржини