Мурињо мотивиран пред мечот со Феенорд, ја препушти улогата на фаворит на Холанѓаните

од Vladimir Zorba

Првото историско финале од Лигата на конференциите ќе го одиграат Рома и Феенорд на 25 мај во Тирана.

Тренерот на италијанскиот тим Жозе Мурињо им ја препушти улогата на фаворит на Холанѓаните, но истакна и дека овој натпревар е многу важен за него и неговите играчи, иако во текот на својата кариера освојуваше трофеи во ЛШ и ЛЕ.

„Секогаш е исто. Историјата и важноста на натпреварувањето се различни, но ова е најважното финале за нас бидејќи го играме ние. Тоа ќе биде наш 15-ти натпревар во Европа оваа сезона. Почнавме во август и патот беше долг. Плативме висока цена во Серија А, испуштајќи бодови против тимови кои имаа повеќе време за одмор и подготовка“, рече Португалецот и продолжи да го опишува патот до финалето: „На почетокот на сезоната мислевме дека Трабзонспор е еден од кандидатите за победа, но во исто време не знаевме кои екипи ќе дојдат од Лига Европа. Секогаш игравме амбициозни, до крај“.

Со оглед на тоа дека сезоната во Холандија е завршена, а тимот на Феенорд веќе се подготвува за финалето, Мурињо смета дека тимот од Ротердам има голема предност.

„Се разбира, голема предност. Мора да одиграме многу важен натпревар против Торино, па затоа е тешко да се одморат играчите. Ја завршија сезоната и сега можат да работат во мир. Секогаш велам дека во финалето треба да заборавиме на тие детали, бидејќи таквите натпревари постојат за да се победуваат. Тоа го кажав денеска, но ќе ви кажам дека следната недела, среда, нема да има предност“.

Слични содржини