Муртезани: Не може да се дојде до компромис со газење врз интегритетот на политичка партија која беше клучна

од Radmila Tasevska

Во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ, генерален директор на МЕПСО и портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, изјави сè додека нема завршница на преговорите меѓу СДСМ и Алијанса, во Алтернатива не знаат дали тоа ќе се одрази врз нивниот договор со СДСМ.

„Дали истите наши личности ќе ги носат истите функции и во иднина или не, е оставено во рацете на претседателот. За нас круцијално е тој потпишан договор што го имаме од декември во 2021 година за влез во владата, да си го испочитуваме до крај и како што знае јавноста ние не сме тие што го проблематизираат или не го почитуваат остварувањето на тој договор“, вели Муртезани во одговор на прашањето за поделбата на функциите во државните институции при евентуален влез на Алијанса за Албанците во владата.

Додава дека при влезот во владата, Алтернатива инсистираше сите преговори да ги води исклучително со СДСМ.

„И во време кога постојат преговори за проширување на парламентарното мнозинство и во момент кога одредена политика партија ги нуди ресорите што со договор ни припаѓаат на нас, на Алтернатива, тогаш слободно може да кажеме дека е непочитување на договорот што е потпишан во декември во 2021 година“, истакна Муртезани.

Муртезани вели, додека не завршат преговорите меѓу СДСМ и Алијанса, во Алтернатива не знаат дали тоа ќе се одрази врз нивниот договор со СДСМ.

„Самата политика е компромис и сите учесници во дневно-политичкиот живот во одредени моменти се подготвени за одредени компромиси“, вели Муртезани.

Исто така, додаде: „Не може да се дојде до компромис со газење врз интегритетот на една политичка партија која пред една година беше клучна и најзаслужна за денес да имаме парламентарно мнозинство“.

Слични содржини