Муслиманските верници можат да примат вакцина и за време на рамазанскиот пост

од Nikola Popovski

Верниците од исламска вероисповед го почнуваат рамазанскиот пост.

Рамазан е деветти месец во исламскиот календар и тој е свет месец за муслиманите затоа што во него започна откривањето на Куранот, светата книга на муслиманите. За време на Рамазан, муслиманите ширум светот постат од сабах (зора) до ашам (почеток на вечерта). Освен од храна и пијалок, муслиманите постат и од лоши дела, се обидуваат да не лажат, да не озборуваат, да бидат соодветно облечени, да се чуваат од неморал и слични искушенија што ги принудува сатаната (ѓаволот).

По рамазанскиот пост, на 13 мај е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник.

Во пресрет на рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху,
им порача на верниците да го искористат овој период за зајакнување на свесноста за Бога, моралот, трпеливоста, жртвеноста, мирот, толеранцијата и хуманизмот, за очистување на мислите, срцата и душите и за дарежливост и солидарност со сиромашните.

Тој упати апел да се почитуваат препораките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.

„Овој Рамазан исто така повторно не наоѓа во вонредна состојба поради пандемијата на Ковид-19, така што нашето високо ниво на грижа и дисциплина да ги почитуваме сите мерки со цел да се заштитиме од оваа болест, ќе бидат наша вредност на овој месец, со што ќе дадеме придонес за надминување на оваа состојба. Затоа, нека овој месец биде жива инспирација за подигнување на нашата свест за излегување од оваа тешка здравствена состојба“, порача тој.

Фетаху исто така ги повика муслиманските верници да не бидат скептични и да се вакцинираат иако им претстои месецот на рамазански пости, бидејќи како што посочува со имунизацијата не се нарушува постот.

„Вакцината не е витаминска и не е хранлива, не продира преку грлото и желудникот, затоа без трошка сомнеж вакцината треба да се прими според барањата на надлежните институции и без трошка сомнеж дека вакцинацијата не го нарушува постот во деновите на месец Рамазан. Доколку евентуално во моментот на вакцинирање се случи некое мало влошување кое може да биде нормално, тогаш во консултација со специјалисти по медицина можете да го прекршите постот и нема никаква казна за тоа, само потоа се пости ден за ден.“, вели Фетаху.

Слични содржини