Муцунски: Секогаш ВМРО ДПМНЕ ќе учествува во работата на Собранието во интерес на граѓаните

Тимчо Муцунски, пратеник во Собранието на Република Македонија во своето гостување во утринската емисија на Алфа телевизија зборуваше за целата ситуација во државата и посочи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати побарала да се одржи Комисија за надворешни политики и да дискутира за тоа кои се стратешките позиции на Македонија со Бугарија. Тој во врска со ова укажа дека не само владејачкото мнозинство туку и двајцата министри за надворешна политика и евроинтеграции одлучиле да не присуствуваат и да не разговараат за ова прашање.

-Во историјата на нашата парламентарна демократија веројатно прв пат многу ретко се случува владејачкото мнозинство да не прави кворум односно да бојкотира работни тела. Ние како пратеници на граѓаните бидејќи ние сме индивидуи делегирани од нашите сограѓани да бидеме нивни претставници во Собранието баравме во неколку наврати да се одржи седница на Комисијата за надворешна политика и да дискутираме за тоа кои се стратешките позиции на Македонија во споредба со Бугарија. Но не само пратениците од владејачкото мнозинство туку двајцата министри кои што се одговорни за надворешната политика и евроинтеграции исто така одлучија да не присуствуваат и да не разговараат заедно со претставниците на граѓаните, пратениците за состојбите во тој процес, рече Муцунски.

Тој во своето гостување посочи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ секогаш учествува и ќе учествува во работата на Собранието кога се работи за интерес и доброто на сите граѓани во државата.

-Сега гледам еден постојан медиумски напад дека Собранието е нефукционално дека опозицијата не учествува во работата на Собранието. Опозицијата ќе учествува во работата на Собранието таму каде е интересот на граѓаните, кога се однесува за мерки поврзани со здравството кога се однесува за најбитните економски мерки за да им се помогне на угостителите, ранливите категории на граѓани, тие кои се најпогодени сектори, индустрии и неспорно е дека сите заедно ќе излеземе во пресрет и на економијата и на нашите сограѓани. Но опозицијата нема никаква обврска да прави кворум на мнозинството кое да е мало, е тенко парламентарно мнозинство, но имаме една влада која одлучила да владее со едно такво мнозинство. Но опозиција може да користи и политички ресурси кои ги има на свое располагање за да блокира некогаш закони, одлуки и сите други акти кои не се од најтесен интерес на граѓаните, напротив е наше убедување дека им штета на граѓаните, додаде Муцунски.

Слични содржини