Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ инсистира на црвени линии во преговорите со Бугарија

од Vladimir Zorba

Тимчо Муцунски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“ во вестите на ТВ 21 посочи дека потребно е да се исцртаат црвените линии и на Македонија при преговорите со Бугарија, бидејќи бугарските позиции во овој т.н. преговарачки процес се јасни и предвидливи.

„Ние како политичка партија инсистираме македонскиот јазик, македонскиот идентитет, посебноста на македонската историја, заштитата на македонските национални малцинства да бидат јасни црвени линии при преговорите со Република Бугарија“, нагласи Муцунски.

Муцунски додаде дека очигледно е дека во овој момент се преговара за некој патоказ и ноторен факт е тоа што оваа Влада на СДСМ во делот на својата попустлива надворешна политика ветувала многу работи, но во пракса постапувала спротивно од тоа што го ветува.

„И ако е така како што се кажува дека тој патоказ е нешто за кое што не треба да се грижиме, со кое што се заштитува идентитет и јазикот, тогаш веројатно не би имало проблем македонската Влада да каже за што точно се преговара. Граѓаните треба будно да ги следат преговорите и да бидеме внимателни за да нема уште едно дополнително национално понижување“, рече Муцунски.

Слични содржини