МВР билтен: Тешка сообраќајка кај штипско

од Vladimir Zorba

Патничко возило „Рено Твинго“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Д.А.(65) од Штип, завчера во 19:00 часот излетало надвор од коловозот на регионалниот пат село Софилари-Штип и удрило во потпорен ѕид. Од ударот возачот се здобил со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Клинички центар Штип, каде му била укажана лекарска помош, но поради сериозноста на повредите бил препратен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Штип.

З.С. вчера во 13:15 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје, пријавил дека бил погоден со една дијабола во пределот на раката додека се движел по улицата „Борка Талевски“. По преземени мерки било утврдено дека лицето кое пукало од воздушна пушка е Ѓ.С.(63) од Скопје. Тој бил приведен во полициска станица, а пушката била одземена. По целосното расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Полициски службеници вчера во 12:30 часот на местото викано „Рудина“, атар на тетовското село Волковија, сопственост на Република Македонија,  ги затекнале лицата В.Р. (58) и А.М. (49), двајцата од село Милетино, како вршат сечење на борови дрва кои претходно биле изгорени.Исто така, на местото биле пронајдени и 26 исечени стебла. Тие изјавиле дека биле ангажирани од приватна фирма. Подоцна, на местото на настанот пристигнала и екипа од Јавото претпријатие „Македонски шуми“, по што бил извршен увид. В.Р. и А.М. се лишени од слобода за понатамошна постапка.

Врз основа на судска наредба, вчера во периодот од 17:00 до 17:40 часот полициски службеници извршиле претрес во дом и помошни простории кај лицето Е.И. (29) од Гостивар. При претресот, била пронајдена марихуана, дигитална вага и метална дробилица. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против Е.И. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

И.М. (50) од Скопје вчера во 21:00 часот во Полициската станица Гази Баба  пријавил дека дента во 19:30 часот на ул „22“ во село Сингелиќ неговиот 17-годишен син бил физички нападнат од страна на лицата И.М., М.М., И.М. и уште неколку непознати лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

С.И. (64) од Тетово вчера во 8:55 часот во Полициската станица Тетово пријавил дека непознат сторител извршил оштетување на патничко возило „Шкода Октавија“, сопственост на неговиот син, кое било пракирано пред неговиот дом. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против 17-годишник од село Долно Бањица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,насилство’’. На 18.02.2018 година околу 15:00 часот во Гостивар пријавениот физички го нападнал и повредил С.Д. од Гостивар, а исто така го оштетил и неговото возило.

Секторот за внатрешни работи Охрид, до Основното јавно обвинителство Охрид, поднесе кривична пријава против Ф.Ш. (71) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“. На 19.06.2018 година во 15:00 часот во Секторот за внатрешни работи Охрид, Р.А. (46) пријавила дека истиот ден околу 14:00 часот на улицата „Гоце Делчев“ нејзината 11 годишна внука била пресретната од пријавениот, кој почнал да ја влече и да ја бакнува. Девојчето успеало да избега, при што го изгребало по лицето. По преземени мерки лицето било пронајдено и лишено од слобода.

Слични содржини