МВР демантира дека во сабота ќе доаѓаат бугарски полицајци

од Nikola Popovski

Министерството за внатрешни работи (МВР) најостро ги демантира лагите изнесени на порталот Макпрес дека за безбедноста во сабота ќе се грижат и бугарски полицајци.

-Станува збор за комплетна дезинформација и извртување на факти, имајќи ги предвид соопштенијата кои деновиве, во пресрет на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев ги сподели МВР со јавноста, како и неколкуте медиумски гостувања на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски токму на оваа тема, што за еден новинар, кој без да праша, а притоа пласира небулози криејќи се зад потписот „Администратор“ е недозволиво и срамно, велат од МВР.

Додаваат дека македонската полиција постапува самостојно, по претходно изготвен оперативен план и е подготвена во целост, не само за овој настан, туку за сите настани, не само за оваа пригода, туку за сите пригоди, во било какви услови – да направи сѐ за да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните.

-Со изнесувањето на овие дезинформации, порталот Макпрес ги доведува во заблуда граѓаните на Република Северна Македонија и наместо да помогне во достоинствено одбележување на роденденот на великанот Делчев, што подразбира ангажирано и одговорно пренесување на проверени информации, а не одработување за нечии деструктивни влијанија со пласирање лаги кои имаат за цел само да наштетат не само на работењето на полицијата како гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите, туку и на угледот на државата. Оттаму, бараме порталот кој ги изнесе овие лаги да го повлече текстот и да се извини, а текстот со овие дезинформации да го повлечат и останатите портали кои без проверка на фактите го ископираа на своите страни, побараат од ресорот полиција.

Слични содржини