МВР до Арсовска: Службите на град Скопје го создадоа сообраќајниот хаос

од Nikola Popovski

Наместо да бара објаснување од МВР и да ги дезинформира граѓаните со произволни Фејсбук статуси, градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска да почне да си ја врши работата и кога веќе не знае, да научи кои се нејзините надлежности и надлежностите на службите на градот кој таа го управува, велат од МВР, како реакција на обвинувањата на градоначалничката Арсовска, дека токму полицијата е виновна за денешниот сообраќаен хаос во главниот град.

Од ресорното министерство потенцираат дека според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата „Надлежен орган за управување и контрола на сообраќајот на крстосниците на подрачјето на град Скопје е град Скопје преку Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС)“.

-Бидејќи службите на град Скопје не си ја завршија работата, односно не можеа да се справат со ситуацијата и беше создаден сообраќаен метеж во Скопје (на што објективно влијаеја и сообраќајната незгода кај ТЦ Мавровка и неколку полесни сообраќајни незгоди, но и зголемената употреба на возила од страна на граѓаните поради временските услови), а врз основа на член 5 од ЗБСП, СВР Скопје -Единица за безбедност на сообраќајот на патиштата – Одделение за безбедност на патниот сообраќај постапи со цел да се овозможи поголема проточност на сообраќајот, што и беше направено, односно метежот беше расчистен, додаваат од МВР.

Според Арсовска, да се исклучат семафори без најава со часови за да се направи сообраќаен хаос е крајно несериозно.

-Сообраќајот е ист како и други денови и нема основа објаснувањето дека дождот е причината за денешната слика од улиците во Скопје каде со часови патуваа до своите домови. Градот Скопје ќе побара објаснување од МВР за причината за предизвикување на денешниот сообраќаен хаос, напиша таа на Фејсбук.

Слични содржини