МВР до Мицкоски: Изјавата дека има 20 000 дупли матични броеви е неоснована и неаргументирана

од Nikola Popovski

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека ваквата појава започнала во 1981 година и дека по откривањето на истото, веднаш е пристапено кон поништување на овие матични броеви и таа постапка веќе подолг период е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени, по денешниот брифинг за медиуми на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.

„Имено, ваквата појава започнала во 1981 година, кога во Република Северна Македонија е воведено електронско определување и евиденција на матичните броеви. Постапката за поништување на матичните броеви трае веќе подолг период и е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени. Изјавата дека во Република Северна Македонија има 20 000 дупли матични броеви е неоснована и неаргументирана, имајќи ги во  предвид   евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи“, велат од МВР.

Од таму соопштуваат дека според Законот за единствен матичен број на граѓаните од 1980 година,  кога за прв пат е уредено определувањето на  матичниот број, и  евидентирањето на матичниот број во РСМ се определувал според живеалиштето на граѓаните, а само за новородените деца според местото на раѓање, во Република Северна Македонија биле утврдени девет регистрациони подрачја. Определувањето и запишувањето на матичниот број започнало на 01.01.1981 година и требало да заврши на 31.12.1985 година.

„Во овој временски период направени се грешки при определувањето и запишувањето на матичните броеви   што довело до определување на дупли матични броеви за едно исто лице. Покрај ова дупли матични броеви се определувале и подоцна  како резултат на нецелосни проверки од страна на вработените во управните служби, погрешни податоци добиени од УВМК како и технички пропусти на постоечкиот Систем за автоматска обработка на податоците“, стои во соопштението на МВР, каде дополнуваат дека само за илустрација во ОУР Скопје од 660 дупли матични броеви, поништени се 580,  а за 80 постапката е во тек и се однесуваат за евиденција од матичните книги од месните канцеларии на УВМК Скопје и 213 матични броеви кои се за матична книга на родените за Скопје.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес обелодени дека постои втор дел од аферата „Мафија“.

„Со скандалот Мафија 2 се открива како на едно исто лице му се издадени два матични броеви каде што според проверките во избирачкиот список истото лице е регистрирано еднаш со вистинското име, вистинска адреса, а вториот пат е регистрирано на друго лице во друга општина. Ова е класична злоупотреба на институциите и тежок криминал пред се за гласање на избори“, вели Мицкоски.

Тој посочи пример дека извесен Диме Димовски имал два матични броја, на кои се разликувале само последните 3 бројки. Со едниот број Димовски бил запишан во Чаир, а со другиот во Сарај. Или Џадин Адемовски, со еден матичен број бил запишан во Сарај, а со друг во Чаир.

Слични содржини