МВР и УЈП со предупредување: Лажни електронски пораки се испраќаат во наше име, станува збор за обид за измама во меѓународни рамки

од Nikola Popovski

Во однос на пристигнати пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на министерот за внатрешни работи, во соработка со полициската канцеларија на Европол, во која во вид на повик за појавување во суд од страна на Сектор за прекршоци, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, Министерството за внатрешни работи (МВР) ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на полицијата, ниту од било која институција за спроведување на законот.

Притоа, во испратените мејлови, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот преку Вибер линк.

-Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани.

Исто така, предупредуваме да не ги отворате линковите и датотеките кои се испратени во прилог на е-мејл пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер.
Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот, порачуваат од МВР.

Управата за јавни приходи (УЈП) исто така информира дека вчера и денеска непознат испраќач, користејќи го нејзиното лого, преку СМС-пораки се обидел да наведе граѓани да споделуваат лични и податоци од дебитни и кредитни картички.

-Пораките се испраќани од телефонскиот број +389 79 212 628 со следната содржина: „Извршете ја задолжителната  пријава на УЈП  https://ujp.mk/verifikacija

Овој линк е лажен и не  води кон електронска адреса на Управата за јавни приходи, соопшти УЈП и апелира да не се отвораат таквите СМС-пораки и да не се отвора линкот.

Доколку некој го отворил линкот пратен во порака, УЈП повикува да не ги пополнува полињата во кои се бараат лични податоци од граѓаните, затоа што може да бидат злоупотребени. Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со конкретната ситуација, се наведува во соопштението од УЈП.

Слични содржини