МВР ќе ги преземе сите мерки за безбедност на пратениците

од Vladimir Zorba

МВР ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците и на законодавниот дом, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Граничниот премин Табановце каде присуствуваше на промоција на кампањата „Вози одморен“.

Министерството, рече Спасовски, ги прави потребните анализи, ги собира потребните податоци и информации, како што потенцираше, во однос на можните случувања коишто би биле во текот на одржувањето на седницата. Тој рече дека законодавниот дом е храм на демократијата и дека таму треба да се изнесат сите ставови, преку дебата на народните избраници да се носат решенија.

– Секако дека протести, јавно изразување на својот став, мислење итн., е демократска вредност, демократско право, меѓутоа тоа мора да биде и на демократски начин. Демократијата не подразбира анархично однесување, напротив демократијата подразбира однесување во рамките на законот. Апелирам до сите, пред сè до организаторите на овие собири, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ заради тоа што имаат испратено допис пред неколку дена како организатори на тие собири, секако тука се и други политички структури како Левица итн., здруженија на граѓани да направиме сè на мирен и достоинствен начин да поминуваат сите овие собири, изјави Спасовски.

Тој се заблагодари за воздржаноста и демократскиот дух на протестите последниве денови, но и порача дека МВР е подготвено да одговори на каков било безбедносен предизвик со кој ќе се соочи. Апелираше до учесниците на протестот мирно и достоинствено да го изразат својот став.

– Така што не би сакал апсолутно да правам никаква корелација којашто вие ја споменувате со 27 април. Тоа беше еден црн ден во македонската демократија, ден кога имаше обид да се изврши убиство на пратеници, да се влезе во законодавен ден итн. и тоа треба да ни биде само поука како понатаму треба да се движиме. Така што апелирам до сите на мирен и демократски начин да го изразат својот став, а демократската дебата да се води внатре во институциите на системот, односно да се води во Собранието, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој повтори дека имаат податоци, информации, за како што нагласи, како се подготвуваат одредени групации за менување стратегии, дека сите прибрани податоци се анализираат и се подготвува план за гарантирање на безбедноста и спокојство кај граѓаните.

– Не, имаме информации, имаме податоци за тоа што подготвуваат, како се подготвуваат одредени групации во рамките на сите овие организации и организатори коишто ние ги случуваме за менување на нивни стратегии итн., меѓутоа сите тие податоци, информации се анализираат и на основа на тоа се подготвува целиот тој план којшто треба да гарантира безбедност и спокојство кај граѓаните, изјави Спасовски.

Слични содржини