МВР на терен во тетовско Синичане: Полицијата е таму за одржување на јавниот ред и мир

од Берта Китинска

Полицијата по добиени сознанија околу активностите за изградба на водоснабителен систем во тетовското село Синичане излегла на лице место на терен при што се прибавени податоци и информации и до Основното јавно обвинителство Тетово е поднесено известување за сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.

Портпаролот во МВР Тони Ангеловски денеска изјави дека присуството на полициски службеници на местото каде што се почнати работни активности за изградба на водоснабдителниот систем е во функција на обезбедување на јавниот ред и мир.

– Наша задача е единствено да бидат преземени сите законски мерки, со цел да се спречи нарушување на јавниот ред и мир на таа локација, за да не дојде до несакани настани со посериозни последици по мирот и безбедноста на граѓаните и тоа ќе го правиме се додека постои безбедносна проценка дека тоа може да се случи, потенцира портпаролот Ангеловски.

Што се однесува до координацијата и соработката со Јавното обвинителство, тој нагласи дека МВР соработува со обвинителството во сите случаи, како и во овој случај околу истрагата што ја води обвинителството.

– Ние како институција што е задолжена за одржување на јавниот ред и мир имаме оперативни сознанија и неколку конкретни пријави од локални жители за опасност од сериозно нарушување на јавниот ред и мир и поради тоа, на тоа место има полициски службеници, појасни портпаролот во МВР, повторувајќи дека се е со цел да се избегне какво било нарушување на јавниот ред и мир.

Полицијата, истакна Ангеловски, е сервис на сите граѓани и е должна да постапи во вакви случаи.

Во однос на тоа дали и каде треба да се гради водовод, подвлече портпаролот во МВР, ние немаме апсолутно никакви ингеренции, туку за тоа се надлежни други институции и тие, како што рече, треба да одлучуваат за тоа.

Портпаролот Ангеловски посочи дека од МВР постапуваат и по настаните со пожари кои се пријавуваат и во полициска станица и откако се расчистуваат случаите, до надлежното обвинителство поднесуваат соодветна пријава. Во таа насока тој апелираше до граѓаните да ги почитуваат насоките од надлежните власти, да внимаваат да не ги палат стрништата, да внимаваат кога одат во шума да не фрлаат догорчиња, стаклени шишиња кои можат да предизвикаат големи шумски пожари.

Слични содржини