МВР со посебен план за да нема собири за Водици

од Берта Китинска

За прв пат по три децении од возобновувањето, ќе нема масовни прослави за Водици на реките и езерата во Македонија, односно крстот нема да се фрла и нема да ги има масовните собири на бреговите околу реките и езерата, соопштија од Македонската православна црква- Охридска Архиепископија.

„Јас очекувам дека ќе бидеме на висина на задачата и во утрешниот ден. Секако, тој што нема да почитува ќе сноси одговорност“, изјави  министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и додаде дека за планираните активности и за мерки е разговарано и со Македонската православна црква (МПЦ).

Тој упати апел до верските заедници и граѓаните да ги почитуваат мерките за време на утрешниот празник. Водици во Македонија се прославува со големи народни собири во сите градови и села со вадење на светиот крст од осветените води на реките, езерата.

Верскиот празник ќе биде одбележан во црквите и во храмовите со утрински богослужби и осветување вода.

И охридскиот градоначалник Константин Георгиевски, преку објава на Фејсбук апелира граѓаните на 19.јануари, на Водици да се воздржат од традиционалните групирања за време на големиот христијански празник

-Упатувам апел до граѓаните да се воздржат од масовно групирање и капење во езерото. При посетата на храмовите задолжително да ги почитуваат препораките за заштита, да носат заштитни маски и одржуваат дистанца“, напиша Георгиевски.

Слични содржини