МВР за Апасиев: Јавните функционери треба да се првиот пример за граѓаните и да ги почитуваат законите, наместо да злоупотребуваат пратенички имунитет

од Vladimir Zorba

Законите важат еднакво за сите граѓани, без разлика на нивната функција. Имунитетот кој според Устав го има пратеникот, го штити од кажано мислење на говорница и гласање во Собрание и го штити од притвор. Во сите останати ситуации, пратеникот е еднаков пред законите како и сите други граѓани, велат од Министерството за внатрешни работи за „Локално“ по повод синоќешните случувања со пратеникот од Левица, Димитар Апасиев.

Од МВР истакнуваат дека полицискиот службеник нема обврска да издаде записник доколку проверката не покажува прекршок.

– Јавните функционери избрани како народни претставници треба да се првиот пример за граѓаните и да ги почитуваат законите, наместо да злоупотребуваат пратенички имунитет и да се повикуваат на привилегијата според функцијата, велат оттаму.

Униформиран полициски службеник при редовно вршење на своите работни задачи, побарал да изврши контрола при управување на патничко возило, во случајот со употреба на дрегер. Како и секој граѓанин, и пратеникот, истакнуваат од Министерството, доколку смета дека полицискиот службеник ги пречекорил овластувањата, може да пријави во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој потоа презема мерки и активности за утврдување на евентуална одговорност на полицискиот службеник.

МВР ќе продолжи неселективно да ги врши сообраќајните контроли, со цел што побезбедни патишта за граѓаните, се додава во реакцијата на МВР.

Б.М.

Слични содржини