МВР за новиот предлог-закон за вработените: Членувањето во партија не може да се подели за време на траење и надвор од работното време

од Маја Анчевска

Предложеното решение со Законот за именување и дополнување на Законот за внатрешни работи како што посочуваат од МВР, за „Локално“, не е новина во правниот систем во државата, односно истото како услов е предвидено и во други закони.

Во однос на предлог  закон со кој се забранува вработените да членуваат во политичка партија од МВР велат, дека согласно член 13 од Законот за полиција, полицискиот службеник е должен надвор од работното време да преземе неопходни мерки според околностите на случајот, заради заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните.

–  Членувањето во политичка партија е чин кој не може да се подели на членување за време на траење и надвор од работното време. Имено, се работи за решение со кое ќе се обезбеди индивидуалните должности на полицајците да бидат соодветни со постоечките правила за интегритет и непристрасност со цел да ги извршуваат своите функции на политички неутрален начин, посочуваат  од Министерство за внатрешни работи.

Согласно предложените измени и дополнувања на Законот за внатрешни работи, спроведувањето на тест за професионален интегритет е предвидено само за работниците во Министерството за внатрешни работи како и за директорот на БЈБ.

– Укажуваме дека согласно предложените измени на Законот за полиција, како нов услов за именување на директор на Бирото за јавна безбедност се предвидува полагање на тест за интегритет, потенцираат од Министерството.

Дали во линија на командување,  директорот на БЈБ ќе биде под директна команда на министерот на МВР, бидејќи со истиот предлог се предвидува само тој да дава наредби од областа на оперативното работење ,од МВР посочуваат дека истиот за работата одговара и пред Владата и пред министерот

–  Согласно член 47 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерот раководи со работата на министерството. Со ставот 2 од истиот член е утврдено дека со работата на орган во состав, (што во случајот е Бирото за јавна безбедност), раководи директор кој го именува и разрешува Владата. Во член 50 став 2 од истиот закон децидно се определува дека директорот на органот во состав на министерството, лично е одговорен за својата работа и за работата на органот со кој раководи пред Владата и пред министерот, соопштуваат од Министерство за внатрешни работи.

Предлог-измени на Законот за внатрешни работи и Законот за полиција беа доставени на 12. 02.2022 и се во собраниска процедура. Голем дел од предметните прашања се нашле на иста линија и со Препораките содржани во Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг на тема „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритет кај централната власт.

М.А.

Слични содржини