МЗ: 30 отсто од населението од 18 до 39 години примило барем една доза

од Берта Китинска

Вкупно 763.965 граѓани во земјава се вакцинирани заклучно со вчерашниот ден, а според Министерството за здравство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.

Според податоците од Министерството, прва доза вакцина вчера примиле 2.057 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.493 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.411.735 дози вакцини, а ревакцинирани се 647.769 граѓани.

Со последните бројки, барем прва доза вакцина имаат примено 55% од населението над 40 години и 30% од населението од 18-39 години.

Инаку, граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постојните вакцинални пунктови низ државата, а децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.

Од Министерството потсетуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата, како и дека само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од истата.

Слични содржини