МЗ ќе набави дополнителни дози од Ремдесивир за третман на пациенти со ковид-19

од Берта Китинска

Земјава ќе учествува во набавката на „Veklury“, бренд-име на лекот ремдесивир за лекување на пациенти со ковид-19, соопшти Министерството за здравство.

Набавката на овој лек ќе се овозможи преку Европската унија со потпишувањето на рамковен договор меѓу Европската комисија и фармацевтската компанија „Gilead“ преку кој ќе се набават 500 илјади дози со можност за зголемување на количините.

Заедничкиот договор за набавка е потпишан од 36 земји, вклучувајќи ги земјите од Европската унија, Норвешка и Исланд, Обединетото Кралство и шест земји сегашни и потенцијални ЕУ кандидати, во кои освен С Македонија, директна набавка на лекот можат да направат и Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Ремдесивирот е лек за третман на пациенти со ковид-19 на кои им е потребна кислородна поддршка, а постапката за директна нарачка на лекот може да започне уште веднаш.

„Ова е шеста успешно имлементирана заедничка постапка за набавка. Заедничката набавка е инструмент на Европската комисија од почетокот на годината со кој на земјите им се обезбеди и дополнителен пристап до лична заштитна, респиратори, тестови и друга неопходна медицинска опрема“, информира Министерството за здравство.

Инаку, С Македонија преку Клиничката студија на Светската здравствена организација (СЗО) веќе го има лекот ремдесивир, а со ова ќе се обезбедат дополнителни количини од истиот.

Слични содржини