МЗ со реакција: Уништен е турски инсулин, набавен со паралелен увоз во време на ВМРО-ДПМНЕ

од Vladimir Zorba

ВМРО-ДПМНЕ да престане да манипулира сакајќи да собере политички поени на сметка на здравјето на пациентите!, реагираат од МЗ на пресот на Марија Андоновска од партијата на Мицкоски.

„Во врска со повторно изнесените невистини, Министерството за здравство го потенцира следново:

Прво, уништен е турски инсулин од стоковите резерви и станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на претходната влада, без проверен ладен ланец, без познато потекло и без оригинал сертификати. ВМРО-ДПМНЕ знаеле за ова. Должни се да одговорат зошто си играле со здравјето на пациентите?

Второ, инсулинот од паралелен увоз е од времето на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните памтат и знаат, манипулациите нема да пројдат ни сега.

Трето, нов тендер за набавка на инсулини НЕМА, затоа што за тендерот од 2018 година веќе се склучени договорите. Количините од стоковите резерви не се никако поврзани со количините за тендер.

Четврто, воведени се три нови типови на инсулин, кои се најнова генерација на лекови – оригинални, со сертификат за квалитет и не се од паралелен увоз. Сега граѓани примаат оригинални инсулини. Не е како порано, да примаат инсулин без проверен ладен ланец и без оригинал сертификати.

Петто, во 2018 година се донесоа измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства. Оттогаш, сите лекови во нашата држава се со сертификат за квалитет. Нема повеќе инсулини од паралелен увоз.

Шесто, претходната Влада им го скрати буџетот на пациентите со дијабетес. Во 2016 година буџетот за оваа ставка изнесувал 730 милиони денари, а 2017 година го намалиле и изнесувал 562 милиони денари. За 2020 година, предвидено е да изнесува 750 милиони денари. Зошто покрај инсулините од паралелен увоз го намаливте и буџетот? Тоа не е вистинска грижа за пациентите!

Потенцираме, уништувањето на инсулинот е од стоковите резерви и станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на претходната влада. ВМРО-ДПМНЕ многу добро знае што значи уништен инсулин од паралелен увоз од стокови резерви.

Прашајте ги пациентите дали биле задоволни од паралелниот увоз на инсулин. И прашајте ги сега, колку се задоволни.

Апелираме до политичката партија да престане со манипулациите. Колку повеќе манипулира, толку повеќе вистината излегува на виделина. Уништениот инсулин од стоковите резерви е од времето на претходната Влада“, се вели во реакцијата.

Слични содржини