МЗ: Во ковид-центрите има 550 празни кревети, се лекуваат над 1500 пациенти

од Nikola Popovski

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.528 и има околу 550 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата, со исклучок на главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 932 пациенти позитивни и суспектни на вирусот. Во Скопје бројот на ковид-пациенти е 596, од кои во последните 24 часа биле хоспитализирани 42 лица.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 124 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 76 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 40 пациенти, во Велес се лекуваат 87 лица, а во Куманово 95 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 92 пациенти, во Прилеп – 98, во ковид-центарот во Гостивар – 31, а во Струга – 23 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 116 пациенти, во Кочани – 34, во Кичево – 37, во Кавадарци – 57, а во Гевгелија – 22 лица позитивни и суспектни на вирусот“, се вели во соопштението на Министерството, од каде што додаваат дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.

Исто така се нагласува дека во скопските ковид-центри бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 219 слободни места. Во изминатите 24 часа дома биле пуштени 79 оздравени пациенти.

Слични содржини