МЗ за „Локално“: Во лабораторијата на ИЈЗ не се детектирани подваријанти на омикрон

од Берта Китинска

До овој момент, во лабораторијата на ИЈЗ не се детектирани подваријанти на омикрон, велат во изјава за „Локално“ од Министерството за здравство.

-Стручните лица ги селектираат примероците кои се квалификуваат за да се секвенционираат. Јавноста навремено биде информирана за сите нови аспекти од овој процес, посочуваат од МЗ.

Според податоците на Институтот за јавно здравје досега во земјава потврдени се вкупно 255 случаи на зараза со сојот омикорн.

Денеска Светската здравствена организација информираше дека подвидот на сојот омикрон, наречен БА.2 или како што некои научници го нарекуваат „стелт омикрон”, е откриен во 57 земји.

Списанието „Форбс” пишува дека во изминатите шест недели, подвидот омикрон БA.2 почнува да го презема приматот над оригиналниот сој на омикрон (БA.1), според податоците испратени до Глобална иницијатива за информации за грип (GISAID) додаде СЗО.

Иако БA.1 сè уште претставува повеќе од 96 проценти од секвенционираните случаи на омикрон, на БA.2 отпаѓа повеќе од половина од секвенционираните омикрони примероци во некои земји, наведува СЗО во неделен извештај.

СЗО соопшти дека малку се знае за разликите меѓу подвидовите на омикрон, иако, како што веќе беше споменато, постојат индикации дека БA.2 е позаразна од БA.1.Техничката директорка на СЗО, Марија ван Керхкова, изјави пред новинарите дека „нема индикации дека има промени во сериозноста на болеста” со подвидот БА.2.

Слични содржини