Најдено е решение: Пендаровски ќе добие плата за јануари

од Nikola Popovski

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски порачуваат дека е најдено решение со Министерството за финансии за исплата на плата за претседателот и вработените во Кабинетот на претседателот за месец јануари 2023 година.

-Платата ќе биде исплатена во наредните денови, во согласност со Колективниот договор и утврденото покачување од 5% за административните службеници во Кабинетот, порачуваат од таму.

Постигнатото решение предвидува внатрешна прераспределба на средства во рамките на постоечкиот и одобрен буџет за 2023 година за Кабинетот.

-Со ова решение целосно се почитува Колективниот договор, а уште еднаш повторуваме дека претседателот, именуваните лица и посебните советници не добиваат покачување на плати, појаснуваат од Кабинетот на Пендаровски.

Барањето за финансиски средства за плата за месец јануари 2023 година, кое Кабинетот на претседателот го достави до Министерството за финансии е изработено во согласност со Законот, во рамки на одобрените средства во Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, буџетскиот корисник – Претседател и во согласност со Колективниот договор за вработените при Претседател на Република Северна Македонија.

Слични содржини