На денешен ден 14 август…

од desk4

 

1784.- На островот Кодијак, на Алјаска била формирана  првата руска колонија. Царска Русија ја продала Алјаска на САД во 1867 година за 7,2 милиони американски долари. Во 1963 година Алјаска станала една од сојузните држави на САД.

1867.- Во Кингстон Хил бил роден Џон Голсворди, англиски писател, романсиер, драмски писател и поет. Познати му се пиесите „Сребрена кутија“, „Борба“ и „Правда“, романите – „Во судот“, „Се дава под кирија“ и „Сопственикот“ – сите три објавени под заеднички наслов „Сага за форсајтите“. Во 1932 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Хемпстед, на 31 јануари 1933 година.

1893.- Франција станала прва држава во која било воведено задолжително ставање регистерски таблички на моторните возила.

1900.- Во селото Герман, Леринско, Егејска Македонија, е роден Богоја Фотев, првоборец и носител на „Партизанска споменица 1941“, беше учесник на Првото заседание на АСНОМ,  и прв повереник за финансии, а потоа и за земјоделство во Владата на НР Македонија. Од 1947 до 1950 година бил претседател на Президиумот на Народното собрание на НР Македонија. Тој бил борец за идеите на ВМРО (обединета), активен револуционер и толкувач на идеите на движењето МАНАПО. Умрел во селото Бистрица, на 27 јануари 1993 година.

1900.- Во Кина било задушено „Боксерското востание“, бунт на потчинетите слоеви против домашната феудална власт. Во крвавата пресметка со востаниците учествувале корпуси на повеќе земји, меѓу кои  на Германија, САД и Јапонија.

1917.- Во Прилеп е роден Сотир Гулевски, македонски писател и литературен преведувач. Литературниот опус му е во знакот на прозата. Автор е на романите „Меѓа“, „Прекршен р’бет“, „Кога карпите р’тат“, „Модро млеко“, на театрологијата „Фурии“, на книгата со раскази „Висорамнина на ровјите“ и на други дела. Умрел во Скопје, на 20 јули 1985 година.

1919.- Во Скопје е роден Раде Јовчевски Корчагин, македонски народен херој. Загинал во Скопје, во судирот со бугарските агенти и со полицијата, на 20 февруари 1943 година.

1934.- Во големиот концентрационен логор „Дахау“, во близина на Минхен, пристигнале првите композиции на затвореници од разни краишта на Германија, противници на Хитлеровиот режим. За време на Втората светска војна во логорот биле убиени стотици илјади затвореници од цела Европа.

1947.- Пакистан прогласил независност од Велика Британија.

1949.- Конрад Аденауер станал првиот канцелар на Западна Германија.

1956.- Во Берлин умрел Бертолд Брехт, германски поет, прозаист и антифашист, еден од најзначајните драмски писатели и теоретичари на театарот во 20. век. Најпознати дела му се  „Мајка храброст“, „Опера за три гроша“ и др. Роден бил  во Аузбург, на 20 февруари 1898 година.

1984.- Умрел Тигран Петросјан, советски велемајстор и светски првак во шах. Роден бил во 1929 година.

1988.- Умрел италијанскиот конструктор на спортски автомобили Енцо Ферари, еден од светските пионери на автомобилските трки.

1996.- Во еден дом за стари лица во Гичинг, Баварија, умрела Камила Хорн, германска актерка, ѕвезда на немиот филм. Со голема популарност се здобила за улогата во филмот „Фауст“, кој бил снимен во 1925 година од мајсторот на германскиот експресионизам, Фридрих Вилхелм Мурно. Родена била во Франкфурт, на 24 април 1903 година.

2004.- Во Краков умрел Часлав Милош, полски и американски поет, белетрист, есеист, литературен историчар и правник. Позната му е збирката песни „Дневна светлина“, расказот „Преземање на власта“, потоа делата „Поетски трактат“, „Лични задолжувања“, но најпознат е по есејот „Заробениот ум“. Во 1980 година ја добил Нобеловата награда за литаратура. Роден бил  во Шетејнеј, Литванија, на 30 јуни 1911 година.

2006.- Најмалку 436 лица загинале, а 140 се воделе за исчезнати во налетот на тајфунот Саоми во Кина. Уништил повеќе од 50.000 куќи, потонале илјада бродови, а околу 1.500 луѓе биле повредени. Овој тајфун бил најсилниот кој ја погодил Кина во последните 50 години.

2006.- Умрел американскиот актер Бруно Кирби, познат по улогите во филмовите „Градски каубои“, „Кога Хенри ја сретна Сели“ и „Кум 2“. Ќе остане запаметен и по улогите во „Добро утро, Виетнам“ и телевизиската серија „M.A.S.H.“.

2016.- На 82-годишна возраст починал британскиот актер Кени Бејкер, кој во шест филмови „Војна на ѕвездите“ ја играл улогата на роботот „Р2-Д2“. Бејкер улогата на роботот ја добил во првиот филм „Војна на ѕвездите“ во 1977 година. Висок само 112 сантиметри Бејкер почнал да настапува со 16 години. Работел како кловн во циркус, пантомимичар и забавувач во ноќни клубови.

 

 

Слични содржини