На денешен ден 24 август…

од desk4

79.- Во катастрофалната ерупција на Везуф, вулкан во јужниот дел на Италија, од лавината и од пепелта наполно биле затрупани градовите Помпеја и Херкуланум.

1540.- Умрел италијанскиот сликар Пармиџанино, портретист кој тежнеел да ги изрази внатрешните особености на својот модел.

1572.- Во ноќта, токму на празникот Свети Вартоломеј, во Париз и во цела Франција почнал невидениот колеж на хугенотите, оној дел од населението кој го прифатил протестантизмот. Се смета дека до септември биле убиени повеќе од 25.000 луѓе. Иницијатор на „крвавиот пир“ – „Вартоломејска ноќ“ – била Катерина Медичи, мајка на францускиот крал Шарл Деветти. Папата Гргур Осми по повод колежот во Франција дал налог да се искова медал, прогласувајќи ја одмаздата над хугентотите за „света војна на една вера“.

1872.- Роден е англискиот писател и карикатурист Хенри Максимилијан Бирбом, познат како Макс Бирбом, мајстор за сатира и иронија. Дела: романот „Зулејка Добсон“, критиките „Божиќен венец“, „Делата на Макс Бирбом“.

1899.- Група загрепски научници на чело со познатиот геолог, зоолог и палеоантрополог Драгутин Горјановиќ – Кранбергер откриле коски, заби и орудие на пралуѓето на подрачјето на Крапина. Научниот свет бил изненаден од вредните наоди, а во своето дело Дилувијалниот човек од Крапина во Хрватска, Горјановиќ – Крамбергер го раздвижил од мртва точка потеклото и настанувањето на човекот, затоа што наодите во Крапина биле значаен доказ за вистинската Дарвинова наука за еволуцијата.

1899.- Во Буенос Аирес е роден Хорхе Луис Борхес, аргентински писател, фантазер, биограф, еден од најпознатите интелектуалци на современата култура кој длабоко ја одбележал латинско-американска книжевност, поради што се вбројува меѓу најголемите светски писатели. Најпознати негови дела се „Универзална историја на бесчестието“, „Фантазии“, „Алеф“, „Извештај за Броди“ и други. Умрел во Женева на 14 јуни 1986 година.

1912.- Алјаска била официјално прогласена за американска територија.

1930.- Во Прилеп е роден Ордан Петлески, хрватски и македонски сликар и графичар. Најдолго време живеел во Загреб, но сепак извршил одредено влијание врз некои македонски сликари. Од делата познати се „Македонско село“, „Изгорување“, „Морбидни облици“, „Праоблици“, „Пергамена“, „Магична игра“, „Цутење“ и други. Умрел во Загреб, на 22 јануари 1997 година.

1968.- Франција во Јужен Пацифик извршила прва пробна експлозија на хидрогенска бомба. На тој начин станала една од нуклеарните сили во светот.

1976.- Двајца советски космонаути се спуштиле на Земјата после 48 дена поминати во нејзината орбита. За време на престојот во специјалната вселенска лабораторија извеле низа испитувања.

1991.- Претседателот на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов дал оставка на местото шеф на Комунистичката партија и од Централниот комитет на владејачката партија, единствената партија дотогаш, и побарал истата да се самораспушти.

1991.- Собранието на Украина прогласило незвисност од Москва.

1994.- Израел и Палестинската ослободителна организација постигнале договор Палестинците на Западниот брег да добијат автономија во областа на образованието, здравството, даночната политика, социјалната заштита и во туризмот.

2004.- Во Русија речиси во исто време се урнале два патнички авиона од типот „Тупољев“, едниот кај Ростов, а другиот кај Тул. Во несреќите кои ги предизвикале чеченски исламски терористи-самоубијци загинале сите 94 патници и членови на екипажите.

2006.- Меѓународното здружение на астрономи донесло одлука дека Плутон не е планета како што била категоризирана во 1930 година кога била откриена, што значи дека Сончевиот систем нема девет, туку има осум планети. Според одлуката на 2.500 астрономи од 75 земји, собрани на конференција во Прага, по жестоките расправии било договорено дека Плутон припаѓа на категоријата џуџести или минорни планети.

2006.- Владата на САД соопштила дека ураганот Катрин, кој ги погодил САД во август 2005 година бил најголемата природна несреќа во историјата на земјата и дека вкупната штета изнесувала 118 милијарди долари.

2016.- Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала ја погодил Италија во 03:36 часот, кога повеќето луѓе спиеле. Во земјотресот биле најпогодени градовите Аматриче, Акумоли и Аркуата дел Тронто. Бројот на жртвите од земјотресот во централна Италија достигна 290. Најпогоден бил градот Аматриче, каде била потврдена смртта на 230 лица. Во Акумоли загинале 11 лица, а во Аркуата дел Тронто 49. Овој земјотрес, кој бил почувствуван дури и во Рим, на повеќе од 150 км оддалеченост, бил најсилниот во Италија по оној во 2009 година, кога 309 луѓе загинале во и околу градот Аквила.

2016.- На 97-годишна возраст починал поранешниот претседател на Западна Германија, Валтер Шел, кој како министер за надворешни работи во 70-тите години од минатиот век го почнал дијалогот за помирување со Источна Германија. Во 1961 година Шел станал министер за економска соработка во владата на конзервативецот Конрад Аденауер, а во 1969 година ја споил својата либерална партија со социјалдемократите и станал министер за надворешни работи во владата на канцеларот Вили Бранд. Валтер Шел бил германски канцелар само девет дена, по оставката на Вили Бранд, во 1974 година, а потоа бил избран за претседател со гласовите на либералите и социјалдемократите. На оваа делумно почесна функција останал до 1979 година.

Слични содржини