На езерото „Младост” пуштена на користење целосно реновираната „Прва плажа”

од Aleksandar Petrovski

Општина Велес денеска  за сите посетители ја пушти на користење таканаречената „Прва плажа” на брегот nа велешото езеро „Младост” целосно реновирана и уредена со секаков вид реквизите, а обезбеди и вода за пиење, туш кабини и тоалети.

До плажата има и пристап за лицата со попреченост. За реновирањето на плажата, со од 5 илјади метри квадратни од општинската каса беа издвоени еден милион денари, преку измените на Програмата за уредување на градежно земјиште.

Како што информира градоначалникот Аце Коцевски кој направи увид во завршените работи, неорганизираното зеленило во појасот околу т. н. „Прва плажа” е целосно отстрането. Поставена е пристапна патека и плажа за пристап на лица со попреченост, а ќе се постави и ограда за безбедно да се стигне до брегот на Езерото.

Патеката продолжува и до соблекувалните и просторот за туширање. Од двете страни на патеката се поставија клупи. Донесен е и поставен сепариран песок на плажата, каде се поставени и десет чадори од трска.

За децата комплетно да можат да се забавуваат и уживаат е оформено катче со урбана опрема (лулашки, клацкалки и лизгалка).

За урбано користење на плажата се обезбедени мобилни тоалети, поставени на новоизведениот паркинг простор кои се приспособении за користење од страна на лицата со попреченост.

Денивелацијата помеѓу паркингот и плажата е совладана со бетонски скали со ракофати, а веднаш до нив се поставени две туш кабини и една соблекувална.

Коцевски информира дека од страна на општествено одговорната компанија ‘ПАКОМАК’ добиле донација и поставиле шест контејнери за одложување на стакло, хартија и пластика и десет помали корпи за отпадоци, за што јавно се заблагодари и до управителот на фирмата, Филип Ивановски.

Градоначалникот Коцевски искажа благодарност до директорите на ЈКП „Дервен” и Казнено поправниот дом од Велес, до вработените во претпријатието, до затворениците, како и до вработените во општинската администрација кои се вклучија во реализацијата на овој проект.

-Упатувам апел до сите посетители на плажата за разумно користење на истата и да се грижат за животната средина и да ја зачуваат да биде пријатно катче за одмор и рекреација посебно во овие топли летни денови, порача Коцевски.

Слични содржини