На Ford сега му недостасуваат и амблеми

од Stefanija Kuzmanovska

Препознатливото сино овално лого на Ford, поставено на хаубата на возилото, е една од причините поради која оваа компанија моментално има илјадници некомплетни возила кои чекаат склопување и испорака.

Поради недостигот на чипови, кој со месеци ја мачи автомобилската индустрија, американскиот Ford последните месеци натрупуваше некомплетни автомобили, чекајќи да пристигнат некои од клучните делови. Тамошните медиуми открија дека станува збор за илјадници популарни пикапи за американскиот пазар, за кои производителот веќе нема место на сопствените паркинзи околу фабриките, па почнал да ги натрупува на други достапни места, пишува „Autonet“.

Една од нив е NASCAR тркачката патека Kentucky Speedway, која се наоѓа во близина на фабриката на Ford во Луисвил. Овој овал е направен пред дваесет години, но веќе две години не се користи за трки – па Ford го користел како привремено складиште за некомплетни возила.

Она што е дополнително интересно во целата приказна се самите причини за ваквата акумулација. Како што пишува Wall Street Journal, покрај недостигот на чипови за нивното финално склопување, на Ford му недостасуваат и сините овални амблеми кои би требало да се постават на предната табла на возилото. Проблемот со набавките е толку голем што возилата ја чекаат таа значка почесто отколку чипови, па компанијата веќе почна да размислува за алтернативи. Едно од нив е 3Д печатење на амблеми со што привремено би се „закрпиле“ дефектите на оригиналните, но тоа решение се покажало како недоволен квалитет.

Друга компонента со која Ford мака мачи се пластичните етикети со имињата на моделот, кои се прикачени на задниот дел од возилото, а поради нив се зголемува залихата на возила, пред се пикапи од F – серијата.

Слични содржини