На изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби зашто нема став за ниту едно прашање, смета Каевски

од Vladimir Zorba

Прашањето е како баш сега на раководството на ВМРО-ДПМНЕ му текна да биде против внес на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот, рече пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски во гостувањето во Телма телевизија. Тој додаде дека голем број пратеници од опозициската партија претходно јавно говореле дека немаат ништо против внес на Бугарите во Уставот.

-Со уставните измени ќе се направи јасна дистинкција и ќе сруши тезата за две држави – еден народ. Треба да се праша оваа партија, која се декларира за наследник на Ванчо Михајлов, зошто е против?, рече Каевски.

Тој додаде дека опозициската партија континуирано се користи дефокус од суштинските прашања.

-Немаат достоинство да се извинат за сите лаги и шпекулациите, за свирежите, за фрлањето молотови коктели по Собранието, а со Договорот за Фронтекс пропаднаа тезите дека македонскиот јазик бил ставен под прашање, кажа Каевски.

Според пратеникот, раководството на ВМРО-ДПМНЕ и одредени делови од пратениците имаат мотив уставните измени да не поминат, исто како што имаат мотив одредени политичари во Република Бугарија ова прашање да не помине. Каевски истакна дека на наредните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби затоа што нема став по ниту едно прашање, а се осврна и на тезата на опозициската партија дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени.

-Во 2014 година ВМРО-ДПМНЕ тргна да го менува Уставот за земјава да ја правела даночен рај, а на изборите во 2011 година никаде не кажаа дека ќе го менуваат Уставот, нагласи Каевски.

Слични содржини