На клиниката за пулмологија се дезинфицира со „УВ Гард“ – апарат на македонски иноватори

од Берта Китинска

Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија со соопштение се заблагодари за донацијата на „УВ Гард“ за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии – изум од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров.

Апаратот дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу. Ги уништува микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција.

– Просторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува. УВ-зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини, соопшти Клиниката.

Предноста на апаратот, појаснуваат оттаму, е што тој е мобилен и може да се движи од една просторија во друга.

– УВ Гардот претставува одлична можност за дезинфекција на места каде што нема електрична инсталација, работи на струја и батерии, додава Клиниката за пулмологија и алергологија.

Слични содржини